Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, ја доживеа својата Светска премиера во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин.
Проекцијата се одржа вчера во Киното „Блумакс“ (Bluemax Theater) во рамки на официјалната компетитивна програма „Перспективи“.
Во Берлин, пред големото платно филмот го претставија: режисерката Косарa Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска и продуцентот Томи Салковски. А на црвениот тепих и проекцијата беа и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.
Ова е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција. Филмот„17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFFBest First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори. Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек (Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“. Тие, со нивното искуство и досегашен придонес во светската кинематографија треба да го стават на пиедестал најдобриот талент од конкуренцијата.
Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на Директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.