Љубов без почеток и крај: Владо и Бајага се евергрин

Како стихот во песната на Владо Јаневски, „љубов без почеток и крај“, беше синоќешниот концерт на Владо со Бајага и инструктори. Тие на Денот на љубовта и виното до последното место го наполнија СЦ „Борис Трајковски“.

Ова не беше концерт само за вљубените парови, кои ги имаше од помладите и постарите генерации. Ова беше концерт за сите. Па така во публиката покрај паровите, имаше неколку илјади другари и другарки, родители и деца, колеги, и сите кои ги спојува меѓусебната љубов и љубовта кон добрата музика и безвременските хитови на Владо и Бајага.

Вечерта ја отвори домаќинот во овој град, Владо Јаневски со брзиот ритам на „Напрај место“ а продолжи со повеќе понови нумери и се разбира десетиците незаборавни рефрени во музичка утакмица за пеење во еден глас. Која траеше повеќе од два часа, со иста енергија а се заврши „на продолжение“. „Еден бакнеж“, „Компас“, „Дома си е дома“, „Две души и месечина“, „Откако си негова“, „Не те сакам“, „Црно тиквешко“ се се само дел од хитовите кои се нижеа во неа. Неизбежната „Тајна отровна“, Владо му ја посвети на долгогодишниот придружен вокал Сара Пројковска, на која оваа песна и била омилена.

Најавените четири часа хитови неизбежно се продолжија со концертот на Бајага и неговите „Инструктори“ кој следуваше по Владо. Бајага го отвори својот дел од оваа вечер со „Град“. Енергичниот Жика Миленковиќ ги најавуваше сите песни по македонско сценарио а на репертоарот беа добро искомбинирани понови и постари песни. „Тишина“, „Марленка“, „Са друге стране јастука“, „Тамара“, „Дарја“, „Моји су другови“, „Плави сафир“ и ред други не беа доволни за публиката која покрај бисот помеѓу песните бараше и други песни кои сака да ги чуе на овој концерт.

„Јер овај живот ја кратак и процури за час“, Авалон продукција на задоволство на сите вчера како во песната „Моји су другови“ ги спои старите пријатели Владо и Бајага „с неком од наших песама“.