Центарот за култура – Битола и Сефедин Бајрамов денеска официјално го најавија и споделија детали за престојниот концерт на Бајрамов закажан за 12 февруари. Концертот ќе се одржи во пресрет на празникот на виното и љубовта во големата сала на Центар за култура – Битола.
„Прстен за неа“ не е само еден обичен концерт, тоа ќе биде музичка приказна наменета за љубовта, емоциите, ветувањата и некои други слатки приказни. Салата е веќе половина распродадена и верувам дека ќе биде полна салата.“ – истакна директорот на Центар за култура – Битола, Сашо Илковски.
Сефедин за својата публика ќе изведе 16 нумери. Еден дел од репертоарот ќе бидат познатите и изведувани песни а некои за прв пат ќе ги изведува концертно таа вечер.

„Иницијативата за концертот потекнува од Центарот за култура. На овој концерт ќе се изведуваат песни кои исклучиво ги изведувам јас во соработка со композитори и текстописци. Се работи за концерт со сосема друга музичка слика и енергија која кореспондира со празникот на љубовта и виното. Јас сум препознатлив по тој музички ракопис и сум изведувач претежно на мелодии со лирско-емотивна содржина и така ќе биде и овој пат.“ – вели Сефедин.
Водителка на концертот ќе биде Каролина Петковска од МРТ. А гости на концертот ќе бидат Виктор Апостоловски и Ана Петановска кои ќе имаат слободен избор да настапат со две песни по избор и една заедничка со домаќинот Бајрамов.
Матичниот текстописец на Бајрамов, Валентин Соклевски, кој со Сефедин соработува од 80-те години истакна:
„На сите битолчани треба да им е чест што ваков славеј израсна и остана во Битола и што имаме задоволство да го слушаме да пее и изведува прекрасни композиции. Неговите песни се евергрини и ќе траат со генерации. Се надевам дека Центарот за култура – Битола кој веќе е, и во иднина ќе биде еден продукциски центар кој ќе продуцира уметност и начин што ќе овозможи издавање на ЦД. Покрај тоа што веќе издаваме книги и продуцираме концерти. Сефедин е секако на врвот на листата на изведувачи за продуцирање такво нешто.“
Од денес е повторно достапна веб-страната 3dkinobitola.com каде што можат да се набават влезници за концертот по цена од 300 денари, а истите се достапни и на билетарата на Центар за култура.