Центар за култура – Битола денес на прес конференција најави дека на 24 јануари свој концерт во Битола ќе има Раде Шербеџија. Специјален гостин прес конференцијата беше легендарниот македонски актер Петар Мирчевски.
„Како братучед на Раде Шербеџија од филмот „Пред дождот“, нели вика „Пукај бе братучед, пукај“, па затоа го застапувам.
„Раде не е само личност тој е институција. Тој е генијален филмски актер, генијален театарски актер и режисер. Тој е писател, шансоњер, професор, татко дедо, пријател а од се најмногу голем човек. И тоа со големо ч.“
Мирчевски се присети на сите негови соработки со легендарниот актер.
„За моја среќа и задоволство со Раде имав привилегија да бидам партнер во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1994 а потоа се дружевме на филмот „Јел јасно пријатељу“ на Дејан Ачимовиќ во Хрватска, па следниот беше „Анка“ исто во Хрватска и на Дејан Ачимовиќ. После тоа беше „Трето полувреме“ на Дарко Митревски а последниот беше „Ослободувањето на Скопје“ каде што тој се појави како режисер и главна машка улога, а јас го играв ликот на Господинов. Раде е еден обичен, нормален и секојдневен човек. Привилегија и задоволство да се познаваш и работиш со него.“
Мирчевски сподели и дека играњето со него во култната сцена од „Пред дождот“ било посебно емотивно за него.
„Тој е еден од моите најголеми идеали. Кога го убивав во „Пред дождот“ ликот на Александар, имав чувство дека го убивам мојот актерски идол Раде Шербеџија. Мислам дека тоа придонесе за мојот емотивен набој во филмот.“
Шербеџија претходно одржа концерт во Битола во 2022 година за време на пандемијата.
„Кога го имаше концертот во Битола, јас со мојот помал син Филип отидовме на концерт. Раде мене пред концертот ми се пожали: „Пепица, нешто сум изнемоштен. Дали вчера испив многу виски или нешто друг е проблемот.“ После неколку дена ми јавија дека Раде се јавил од Струмица дека добил Ковид. Син ми вика „Ах и ние го обравме бостанот“. За 2-3 дена отидовме да правиме тестирање и излеговме позитивни. Син ми вели „Еј абе закачивме корона од Раде“. Јас велам „Абе, корона, корона барем од Шербеџија е.“.