Македонска премиера на „Силјан“ во МНТ

Синоќа во Македонскиот народен театар – Скопје се одржа македонската премиера на долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска – „Силјан“.

На премиерата публиката ја поздрави екипата на филмот предводена од режисерката Тамара Котевска, монтажерот Мартин Иванов, продуцентот Јорданчо Петковски како и главните протагонисти Никола Цонев, Јана Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева и Јана Цонева од кочанското село Чешиново.

„Овој филм настана без идеја да стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што тек ќе го гледа цела Македонија. Планираме да има премиери, проекции низ цела Македонија во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и те како заслужуваат да го видат овој филм. Луѓето како Никола и неговата фамилија ни даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испопуларизирам, тие се суштината на нашата култура и на нашиот свет“. – рече Котевска.

Филмот од 15 јануари е во скопските кина, а потоа следува кино дистрибуција низ целата земја.