Претстава за девојче со Даунов синдром е последната премиера на Театар за деца и младинци за 2025 година

Театарот за деца и младинци утре (29 декември) со почеток во 19:00 часот премиерно ќе ја изведе новата претстава „Која е Лорет“. Се работи за топла, искрена и храбра театарска приказна за идентитетот, прифаќањето и различностите.

КОЈА Е ЛОРЕТ? Едно девојче. Многу соништа. И едно важно прашање што нè засега сите. Кои сме ние навистина и дали другите нè гледаат онакви какви што сме? Лорет е девојче со Даунов синдром, но таа не е само тоа. Таа е ќерка и сестра, ученичка и пријателка. Дете со таленти, емоции и соништа – исто како и секое друго дете. Преку нејзините средби со семејството и светот околу неа, претставата нè потсетува дека идентитетот не е една особина, туку мозаик од сè што сме и што можеме да бидеме. Претстава што ги учи децата да гледаат со срце, што зборува за прифаќањето нежно, искрено и разбирливо и што потсетува дека секое дете има право на свое место во светот.

Претставата е работена по текстот на француската авторка Флоранс Кадије. Режијата е на Драгана Милошевски-Попова, а драматизацијата на Милена Деполо. Идејното решение за сценографијата, куклите и костимите е на Ирина Сомборац, музиката ја потпишува Сашко Костов, а асистент на режија и стручен соработник е Драгана Таневски.

Во претставата настапуваат: Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

Со оваа премиера, Театарот за деца и младинци ја заокружува програмата за 2025 година, во која одбележува 35 години постоење и посветена работа во создавањето театарска уметност за деца и млади.