Денеска, на вечното почивалиште на актерката Вера Вучкова-Жежељ, во пресрет на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар, дел од тимот на театарот, положија цвеќе во знак на длабока почит и благодарност.
Почитта ја оддадоа директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, Дејан Пројковски, режисерот на претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ и помошникот на режија, Андреј Цветановски, како и актерите Снежана Коневски-Руси, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски и Григор Јовановски.
Вера Вучкова-Жежељ е една од првите членови на иницијалниот ансамбл, чиј творечки печат трајно е вграден во идентитетот на Македонскиот народен театар.
На 3 април 1945 година, во 20 часот, пред преполниот салон со публика од различни генерации, тогаш младата Вера Вучкова, со неполни 20 години, во улогата на Валја ја изговори денес веќе култната реплика „Колку е блиску сонцето“ — првата реплика од првата претстава на МНТ, „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.