„Поштарска бајка“ – нова претстава за најмладите гледачи на Велешки театар

Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ – Велес за своите најмлади гледачи ја подготви претставата „Поштарска бајка“, работена по текст на Карел Чапек, во режија на Александар Ивановски.

Преку игра, хумор и топлина, приказната нè води во светот на писмата што никогаш не стигнале до своите адреси, но во себе ги кријат најискрените човечки желби, соништа и тајни. Ова е бајка за комуникацијата, љубовта и надежта – и за тоа како секоја порака, дури и изгубена, може да го најде вистинскиот пат.

Во претставата настапуваат: Филип Христовски, Кире Ацевски, Славица Манаскова, Сандра Танчева, Исидор Јованоски и Талија Ѓорѓиева Драматизацијата и адаптацијата е на Катерина Момева.

Претставата е на репертоар од понеделник, 22 декември, а ќе биде реализирана организирана посета на децата од основните училишта и градинките од градот, со цел најмладата публика да ужива во магијата на театарот и силата на убавата приказна.