Детска радост за сите генерации со Битолскиот дувачки оркестар

Битолскиот дувачки оркестар синоќа ја наполни големата сала на Центар за култура – Битола со „деца“ од сите генерации. Најмалите битолчани со нивните родители но и сите кои растеа со препознатливите детски песни од 90-те синоќа во еден глас ги пееа познатите рефрени. Посебно впечатливо беше тоа што во публиката беа и дел децата кои пред три децении ги изведуваа овие песни на „Си До“, но сега со своите деца.

Концертот се отвори со „Како ли јас да пораснам“ а по неа се нижеа „Визба стара и гитара“, „Софи Софија“, „Боби баш ми е гајле“, „Наташа од трето три“, „Заради тебе Зоране“, „На една клупа стара“ и ред други во изведба и придружба на децата од детскиот хор „Ѕвончиња“ и тинејџерскиот хор „Попрoкет“. Звукот го збогати и младинскиот мандолински оркестар КУД „Стив Наумов“.

Бројните хитови компонирани и напишани од Миодраг Неќак, Кире Костов, Драган Каранфиловски – Бојс, Валентин Соклевски, Љупчо Мирковски се свиреа во биг бенд аранжмани на членовите на Битолскиот дувачки оркестар.

Поради големиот интерес и за сите кои пропуштија, Битолскиот дувачки оркестар најавува реприза на концертот следната година.