НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип ја најавува премиерата на театарската претстава „Ковчег за двајца“, современа црна комедија по текст на францускиот драматург Жан Пјер Мартинез, во режија на Никола Ристов. На 6 декември ќе се одигра премиерата која е распродадена а следната изведба е на 9 декември.
Претставата обработува низа комични и сатирични ситуации што произлегуваат од судирот на политичките амбиции, личните интереси и човечките слабости. Во атмосфера на погребално претпријатие, каде што приватниот и јавниот живот на ликoвите се преплетуваат на неочекуван и апсурден начин, драмскиот текст создава основа за комедија исполнета со динамика, интрига и фино изграден црн хумор.
„Оваа наша престава иако е комедија, целото дејство се случува во една агенција за погребални услуги, што само по себе беше голем предизвик за нас. Станува збор за „Ковчег за двајца“, која воедно е и претпоследна за оваа година, бидејќи паралелно со ова се работи на уште една детска престава. Штип заслужува да имаме една ваква престава.“ – кажа директорот Пеце Ристевски.
Во улогите се: Миле Вратеовски, Елена Шорова Дербов, Владимир Тулиев и Анѓелка Нашкова.
Станува збор за комедија, во која на ден на изборите се продава ковчег на двајца кандидати. Публиката ќе има можност да проследи претстава што на духовит и провокативен начин ја разгледува човековата природа и општествените апсурди. „Ковчег за двајца“ претставува свеж и современ театарски пристап кој, преку хумор и иронија, отвора прашања за моралот, амбицијата и односите меѓу луѓето.
„Решивме да направиме една копродукција за да ја збогатиме програмата. Околу ликовите – секогаш е добитна комбинација кога има несекојдневни ситуации во некои чудни места.“ – вели актерот Миле Вратеовски.