„Уна“ на Пројковски наградена од жирито и публиката во Младеновац

Претставата „Уна“ од Стеван Копривица, работена според истоимениот роман од Момо Капор, а во продукција на театарот „Звездара“, беше прогласена за најдобра претстава на овогодинешниот театарски фестивал на едночинки во Младеновац, според стручното жири и публиката.

Жирито, составено од Снежана Стаменковиќ, Љуба Бандовиќ и Егон Савин, со мнозинство гласови заклучи дека „Уна“ во изведба на театарот „Звездара“ и во режија на Дејан Пројсковски е најдобрата претстава на театарскиот фестивал во Младеновац.

„Инспирираните и прецизни актери предводени од Никола Ристановски во атрактивниот сценски простор на Валентин Светозарев изведоа емотивна и актуелна претстава“, констатира жирито.

Претставата премиерно беше изведена на 12 октомври на сцената „Данило Бата Стојковиќ“, а улогите им припаднаа на Никола Ристановски, Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Ивана Ристиќ, а автор на музиката е Горан Трајкоски.

Покрај наградата од жирито, претставата „Уна“ ја доби и наградата од публиката.

Фото: Јаков Симовиќ