На 28 ноември (петок) е закажана претпремиерата а на 29 ноември (сабота) премиерата на претставата „Црнила“, во режија на Дејан Пројковски, во театарот „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе се изведе на сцена 105 од 20 часот. А ова е втора премиера на театарот со поддршка на Министерството за култура и туризам за 2025 година.
„Претставата носи силна симболика за нашиот тим, затоа што создадовме сосема нова сцена, во нови услови, работевме со посветеност, со многу ентузијазам и со верба дека театарот наоѓа начин да живее. Нашиот театар вложи многу енергија, труд и срце за „Црнила“ да го добие обликот што го заслужува“. – вели Марија Попова Јованоска, директорка на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп
Со оваа претстава повторно ќе заживее „Сцена 105“ во НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп. Се работи за просторија која пред дваестина година беше направена за камерни претстави, но никогаш не заживеа како таква и повремено се користеше за алтернативни и аматерски претстави. Во периодот кога беше направено киното „Мис Стон“, седиштата од „Сцена 105“ беа искористени за таа сала, а просторијата беше претворена во „Сликарско ателје“. Потоа следуваше период кога се користеше само како магацин, за пред една година, да биде преуредена како „дневна соба“, најчесто за прес-конференции и работилници, промоции на книги.
„Црнила“ од Коле Чашуле е дело што не старее, Чашуле е писател кој со интелектуална храброст и длабочина го создаде современиот македонски драмски јазик. Сакам да му се заблагодарам на Пројковски за тоа што ќе ни остави убава претстава во која ќе ужива публиката. Под негова режија, „Црнила“ станува мост што спојува. Пројковски успеа да ги отвори сенките, дилемите и моралните битки на нашите ликови и да ги донесе пред публиката како жив разговор со денешницата.Со радост го отвораме и ново-стариот сценски простор — Сцената 105, простор што ќе ни овозможи поинтимни, поекспериментални и посовремени театрални јазици. Место каде младите автори ќе добијат дом, а традицијата ќе продолжи да дише нов воздух. Како уметничко раководство, со гордост го спојуваме наследството на Чашуле, духот на Ѓорче Петров, визијата на Пројковски и воскреснувањето на Сцената 105.“- истакна уметничкиот раководител Михајло Миленкоски.
Режисерот Пројковски на кој ова му е прва претстава во Прилепски театар кажа:
– „Ова ми е прва претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ и тоа претстава, како што се вели, која е еден од лајт-мотивите, или, голем рефрен во македонската драматургија, која што зборува за лекциите кои тешко ги учи Македонецот низ историјата. Работејќи ја претставата, постојано имав една мисла: „Македонец уби Македонец за Македонија“…. „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме и секоја театарска генерација, заедно со публиката секогаш се преиспитуваме на истите теми: Што сме направиле и што треба да направиме, или, што сме научиле за некои работи да не се повторуваат, односно да не се случуваат…. Нашите ликови во „Црнила“ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен сремеж и поглед кон небото. Всушност, тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Работев во период кој што мислам дека беше многу важен за театарот и сите планини кои треба да се искачат. Секогаш треба да се работи и да сме тука кога е тешко и кога е важно. Брехт вели дека театарот не зградата туку луѓето и сега беше важно да се радуваме на сите прекрасни луѓет кои го прават прилепскиот театар. Се надеваме дека ќе ги видиме во нивниот вистински дом…..Претставата е актерска и режисерка исповед и ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.“ – вели режисерот Пројковски.
Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, автор на музиката е Горан Трајкоски, драматург Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а дизајнот на плактот е на Сергеј Светозарев.
Во претставата играат: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.