„Случајната смрт на еден анархист“ – нова премиера на Театар Штип

НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип денеска ја најави премиерата на новата театарска продукција „Случајната смрт на еден анархист“ – комедија од светски познатиот италијански драматург Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска. Премиерата ќе се одржи во сабота (15 ноември) а претставата, низ хумор, апсурд и сатира го отвора прашањето за вистината, манипулацијата и општествените системи.

„Тргнавме да направиме една претстава која се занима со истражување на вистината и перцепцијата за вистината, со манипулација на власта во однос на граѓаните и манипулацијата на медиумите. Пробавме да отвориме некои прашања за тоа како се крерираат тие вистини, како се креираат или се фабрикуваат официјални приказни на општествено ниво. Многу ни беше важно да се отвори оваа тема денес кај нас.“ – вели режисерката Ивана Ангеловска.

Во претставата играат: Ефтим Трајчов – Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонов, Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини.

Актерката Марија Минчева Андонов прв пат соработува со режисерката а на прес конференцијата кажа дека и за прв пат игра ваков лик.

„Јас го играм ликот на инспекторот Писани а всушност тоа беше машки лик но режисерката и драматургот одлучија да го направат женски. Беше голем предизвик и многу се забавував. За прв пат ќе ме видите во вакво светло и за прв играм ваков лик.“ –

Актерската екипа изрази големо задоволство од поставување на овој современ текст.

„Пред се мислам дека добро што го поставуваме Дарио Фо, знам дека имаше возбуда кај сите да го работиме овој текст. Одамна сакав да играм и да бидам дел од оваа култна фарса комедија. Ние го претставивме текстот на многу хумористичен, забавен и директен начин. Ова е сериозно сработена комедија која ќе кореспондира со публиката бидејќи тоа е секојдневието на нашиот живот. Битно е да се каже вистината а притоа и да се забавуваме. Неправдите постојат, нема да се искоренат, ќе постојат и понатаму. Но битно е ние како театар и огледало на опшеството да ги посочиме.“ – истакна актерот Ефтим Трајчов – Ѓаурски.

„Драго ми е што Народниот театар – Штип ги следи совремните текови и донесува автор како Дарио Фо. Овој текст не е поставуван во Штипскиот театар и сега премиерно нашиот театар ќе му понуди на нашата публиката едно врвно капитално дело од светската драматургија.“ -се надоврза актерот Милорад Ангелов.