Утре почнува 11. издание на Битола Шекспир Фестивал

Со премиера на новата претстава на Народен театар – Битола, „Макбет“ утревечер во Битола се отвора 11. издание на Битола Шекспир Фестивал.

Фестивалот кој традиционално се одржуваше во летниот период сега е поместен а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам како и Општина Битола.

Со „Макбет“ го отвараме фестивалот кој оваа година го поместивме од летниот период во есенскиот, бидејќи сметаме дека културата не треба да биде насочена само за летниот период кога е и Бит фест, сметаме дека во есенскиот период луѓето повеќе сакаат и доаѓаат во театар. Мислам дека успеавме со уметничкиот раководител, членовите на Уметничкиот совет и администрацијата два, три месеци активно се вклучени во фестивалот, да направиме програма која е достојна за Шекспир фестивалот, достојна за Битола, бидејќи успеавме сите претстави да ги вклопиме во буџетот кој го добивме од Министерство за култура и средствата кои ги добивме од годишната програма на Општина Битола“., истакна директорот Васко Мавровски.

Влезот за сите претстави поради ова ќе биде бесплатен.

„Додека сум јас менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот, ќе бидат бесплатни, како еден мал гест на Битолскиот театар кон нашата публика која ја зголемивме за 60, 70 проценти.“

Програмата вклучува претстави од Македонија, Полска, САД, Хрватска /Англија и Бугарија.

„Мене ми е многу драго што Шекспир фестивалот се случува повторно во Битола. Овој театар во Македонија е познат по соработката со интернационални режисери и интернационално претставување. Придобивките од овој фестивал се токму тие: ние го носиме светот кај нас, светот не зема кај нив, имаме можност да гледаме работа на други режисери, други култури, токму и соработката со Иштван потекнува од таму, тие соработки носат нова слика и визија кои на овие простори не се видени.“ – истакна селекторот и уметнички раководител на фестивалот, Благој Мицевски.

Во продолжение целосната програма:

  • 15.11 – “Дванаесеттата ноќ” – Драмски театар „Александар Венгерко“, Бјалисток, Полска, режија: Игор Горжковски
  • 17.11– “Крал Лир” – “Lit Moon Theatre”, САД со почеток од 20 часот, режија: Џон Блондел
  • 18.11 – “Еволуцијата на распадот” – Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“, Скопје, Македонија, почеток 20 часот, режија : Дамјан Димовски,
  • 19.11 – кореодрама  “Само ти(и)ја / Only You (and I)” – Здружение на граѓани Тим Театрос К, Скопје , Македонија, режија: Војо Цветановски, почеток 20 часот
  • 19.11– “Ричард III” – НУ Народен театар Битола, Македонија, режија :Мартин Мирчевски, почеток 21 часот,
  • 20.11 – “Јас Писблосом / I, Peaseblossom” – “Hani-Tong Theatre”, Хрватска / Англија, режија: Филип Пар
    Монодрама базирана на извонредната ревизија на Шекспировата ,,Сон на летната ноќ,, од Тим Крауч,
  • 21.11 – “Како што милувате / As You Like It” – Драмски театар „Стојан Бачваров“, Варна, Бугарија, режија: Габор Томпа (Романија).