Иваноска: „Театарот не умре! Театарот го убија!“

Синоќа на свечена академија во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“, Општина Прилеп ги додели општинските признанија „3-ти ноември“, по повод Денот на ослободување на градот. Помеѓу добитниците беше и Народниот театар „Војдан Чернодрински“ кој во речиси полн состав се појави на сцената, а надвор од сценариото во име на ансамблот се обрати актерката Даниела Иваноска, со моќен и впечатлив говор.

„Вечерва му се доделува награда на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, театар кој не постои. Иронично? Да! Трагично? Апсолутно да! Кога една институција со 75 годишна традиција и историја се затвора, а потоа и се доделува награда, постхумен апсурд! Театарот не умре! Театарот го убија! Со молк, со неодговорност, со бирократија, со рамнодушност. Оваа награда, апсолутно нема да има никакво значење доколку не се засрамат сите оние кои дозволија да се изгасни светлото на сцената. Иако покрај сето ова останете индефрентни и глуви, тогаш навистина живееме во едно болно општество на кое му нема спас. И дури тогаш сите ние а особено генерациите кои доаѓаат после нас, многу долго ќе го отплаќаат цехот направен во името на неписменост, некултура и моќ. Постулатите, врз кои оваа наша држава со децении се гради и води.“