Патеката на славните во Прилеп доби нова ѕвезда за прв пат после девет години

Во навечерието на Денот на ослободување на градот, синоќа Патеката на славните во Прилеп доби нова ѕвезда. За прв пат по 2016 година, еден заслужен граѓанин доби почит и чест со поставување на вакво обележје. Се работи за Коста Смилески кој остави неизбришливи траги во културниот живот на Прилеп, со својата посветеност, талент и љубов кон музиката и театарот.

Роден на 11.03.1939 година во Прилеп, Коста Смилески завршува музичко училиште во „Ордан Михајлоски-Оцка“ и музичка академија во Скопје. Како флејтист, активно учествува во КУД „Моминок“ и КУД „Мирче Ацев“ и е еден од основачите и иницијаторите на Долненскиот фестивал. Во 1962 година се вработува во Македонската радио и телевизија во Народниот оркестар како флејтист, а неговиот талент го донел до прва награда за првенец инструменталист на флејта во Загреб. Коста Смилески е автор, аранжер и мелограф на повеќе од 300 ора и голем број македонски народни песни. Неговата работа на ората „Зајачко оро“, „Прилепско оро“ и песните што ги изведуваше Јонче Христоски, како „Свирете ми чалгии“ и „Несакам лажна среќа“, останува дел од македонската музичка традиција. До последните мигови тој остана вљубен во македонската народна музика и култура.

Ѕвездата на еден од најзначајните музички дејци на Прилеп ја открија градоначалникот на Прилеп заедно со членови на семејството на Коста Смилески.

„Оваа ѕвезда на патеката на славните прилепчани е уште едно потсетување дека музиката и наследството на нашиот град продолжуваат да живеат низ делата на своите луѓе. “ – истакна градоначалникот Проданоски.