На 5 ноември со почеток во 19 часот во Свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ Битола ќе се одржи концертот „Промузика“. Настапува водечкиот оперски драмски сопран во Македонија, Весна Ѓиновска Илкова во пијано придружба на Кристина Светиева.
Весна Ѓиновска Илкова е водечки оперски драмски сопран во Македонија,и Македонската Опера во последните 25 години,певица со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Студии завршува во класата на проф.Милка Ефтимова, магистарски студии во класата на проф. емеритус Радмила Бакочевич. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника.
Кристина Светиева се истакнува како една од македонските најталентирани пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“ ) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира во 2008 год. (со „cum laude“ ) под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата две годишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „ Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија и надвор од земјата. Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија на натпревари.