Никола Ристановски доби награда на „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар

Престижната манифестација „Денови на Зоран Радмиловиќ“ се одржа во Заечар од 16 до 23 октомври по 34-ти пат, со респектабилна натпреварувачка селекција и богата придружна програма.

Салата беше преполна од вечер до вечер, а жирито (Мирослав Радоњиќ, претседател, Душко Љуштина и Ирфан Менсур) донесе едногласна одлука Наградата за најдобар актер на Фестивалот да му ја додели на Никола Ристановски за улогата на Мишел Бабиќ во претставата „Уна“ според романот од Момо Капор, текст: Стеван Копривица, режисер: Дејан Пројковски, продуцирана од театарот „Звездара“ од Белград.

„Никола Ристановски, во својата убедлива актерска интерпретација, демонстрираше пленива експресивност, неодолив сценски шарм и исклучителна креативност во емоционалниот и карактерниот развој на ликот. Неговиот Мишел Бабиќ, растргнат помеѓу страсни емоции и академски етички принципи, проблематизира богат спектар на човечки сомнежи, прашања и исконски стравови во обидите да го пронајде сопственото лично јас“, се вели во образложението.

Дополнително и самата претстава во која игра Ристановски, за прв пат во историјата на фестивалот, ја дели наградата од публиката подеднакво со „Контра мундум“ од Тиватскиот културен центар.