Елена Васова е добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“

„Победник во животот е оној кој останува верен на себе и искрен со другите“, еднаш рекол Милан Младеновиќ.

А добитник на овогодинешната награда „Милан Младеновиќ“, која се одржа во Макарска во недела, е младата Елена Васова, со песната „Љубов“.

„Фала ви многу. Јас навистина не го очекував ова. Не знам искрено што да кажам. Ви благодарам што давате еден простор и платформа и не’ препознавате – ‘the underdogs’. Ние, што сакаме нешто да направиме, да кажеме нешто искрено и да шириме љубов. Ви благодарам!“, кажа Васова по доделувањето на „Милан Младеновиќ“.

Жирито, составено од Горан Трајкоски, Давор Лукас, Бојана Вунтуришевиќ, Милорад Мики Ристиќ и Иван Лаиќ, ја избра песната на Елена меѓу повеќе од 150 пријавени песни од целиот регион, кои беа пријавени на натпреварот оваа година.

За тројца членови на жирито, песната „Љубов“ беше фаворит од самиот почеток, а тоа не се промени во текот на гласачките рунди сè до изборот на петте суперфиналисти на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2025 година, кои, покрај Елена Васова, беа Оксајо, Гризете, Таад Пол и Дигитронс.

Како победничка, Елена Васова доби парична награда од 3.000 евра, а наскоро ќе има промотивно ТВ појавување во емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“, како и серија фестивалски концерти во регионот во текот на оваа и следната година.

Елена е родена во 2000 година во Скопје и низ својот музички пат има поминато хорови, опери и концерти. Песната е правена заедно со Ненад Стефановски и Ади Имери, а учествуваат и Петар Лукиќ, Мартин Џорлев и Милош Спасов.