Гран-прито на фестивалот – Голема Златна Мимоза на 38-от Филмски фестивал во Херцег Нови – Црна Гора, му беше доделена на филмот „Диџеј Ахмет“ од режисерот Георги Унковски поради, како што беше објавено синоќа во Кални кула, неговата способност да внесе нова виталност и емоции во наративот за растењето.
Жирито, составено од Предраг Перишиќ – претседател, и членовите Есра Демиркиран, Маја Богоевиќ, Наташа Нинковиќ и Горчин Стојановиќ, го призна филмот „Диџеј Ахмет“ за неговото „искрено истражување на првата љубов и товарот на традицијата, бидејќи носи приказна која е длабоко вкоренета во културата, а во исто време резонира универзално. Главниот лик (15-годишниот Ахмет) вложува напори да ги помири традицијата и модерноста, да ги исполни соништата на својот татко, но и своите“, се вели во одлуката на жирито. Диџеј Ахмет веќе освои две награди на Фестивалот за независен филм Санденс претходно оваа година, Специјална награда од жирито и Награда од публиката.
Филмот својата македонска премиера ќе ја има на затворањето на овогодинешниот „Браќа Манаки“ на 26-ти септември.