Новото долгометражно филмско остварување на режисерката Теона Стругар Митевска синоќа ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал. Екипата на филмот предводена од режисерката Теона Стругар Митевска, заедно со продуцентите Лабина Митевска и Себастијан Делој, актерите Никола Ристановски, Номи Рапас и Силвија Хоекс беа на црвениот тепих на престижниот фестивал. А претходно одржаа и прес конференција.
„Сакав да направам филм за личност како тебе и мене, а не за светица – жената зад митот. Пред петнаесет години, направив документарна серија, „Тереза и јас“. Тогаш го открив богатиот и повеќеслоен лик на Мајка Тереза, ништо слично на она што го гледаме и слушаме во мејнстрим медиумите. Се заљубив во силата на нејзиниот лик, нејзиниот погон, нејзината амбиција. И ова е она што верував дека светот треба да го открие и види. Сè потоа се вршеше околу наоѓањето на вистинскиот формат за приказната, формат што би ги вклучил сите идеи што ми се драги: женственост, сестринство, колонизација, капиталистичка експлоатација.“ – истакна режисерката Митевска.
Главните улоги ги играат Номи Рапас како Мајка Тереза, Никола Ристановски како отец Фредерик и Силвија Хоекс како сестра Агњешка.
„Ниедна позиција на светот не исклучува емоција, да сум отец не би се лишил од емоција. Емоцијата е основа на било каква емпатија. Не само емпатија која е полна со наши емоции или емоционални разбирања, туку емпатија која е когнитивна. Многу ми е важно да раскажувам приказни во коишто верувам. И круцијално важно е да бидам еден катализатор на сите овие човечки и женски дилеми“, рече Ристановски.
„Прифаќањето на оваа улога беше неверојатен предизвик и патување. Живеењето со Мајкa Тереза во мене со месеци ме тераше да поминам низ многу емоции. Оживувањето на Мајка Тереза во животот беше многу поврзано со тоа што дозволив моите сопствени мисли и контрола да бидат заменети со нејзините. Би рекла дека кон крајот на снимањето, шетајќи по улиците на Калкута ноќе, не бев сосема сигурна кои беа моите сопствени или нејзините мисли. Таа се всели! Апсолутно прекрасно. Имавме многу силна и искрена врска. Имам најдлабоко почитување кон Теона. Таа е една од најхрабрите и најискрените режисерки со кои сум работела. И двете сме силни и тврдоглави, но создаваме без его. Заедно ја носевме и ја родивме нашата Мајка Тереза. Баравме и копавме до последниот ден на снимањето. Снимањето на овој филм и соработката со Теона беше многу посебно искуство.“ – истакна Рапас.
Македонската премиера е закажана за 20 септември на свеченото отворање на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.