Со регионалната премиера на филмот „Bog neće pomoći“ од режисерката Хана Јушиќ продолжи Натпреварувачката програма – Долгометражен филм на 31-от Сараевски филмски фестивал.
По големиот успех во Локарно, каде што актерките Мануела Мартели и Ана Марија Веселчиќ ја освоија наградата „Леопард“ за најдобро актерско достигнување во главната натпреварувачка програма, режисерката Хана Јушиќ го претстави својот долгометражен филм „Bog neće pomoći“ во Сараево. Прогласен за еден од најинтригантните наслови во овогодинешното натпреварување, овој феминистички вестерн со елементи на магичен реализам ги оправда високите очекувања на публиката и критичарите.
На почетокот на дваесеттиот век, Чилеанката Тереза пристигнува во цврсто структурирана, изолирана планинска заедница на хрватски овчари, тврдејќи дека е вдовица на нивниот брат кој емигрирал. Нејзиното доаѓање радикално ги менува односите на членовите на заедницата и ги вознемирува, но Тереза ги инспирира и локалните жени. Тереза е со намера таму да ги закопа коските на својот сопруг, емигрантот Мате. Приказната е сместена во недефинирано минато време, а Тереза поминала месеци патувајќи со брод, магаре и пеш за да го пронајде ова оддалечено место во средината на сосема туѓа земја. Во родниот град на Мате, таа прво ја среќава само Мута , девојка отфрлена од пошироката заедница поради недоразбирање, и која веднаш во Тереза препознава потенцијална придружничка и заштитничка. Достоинствената, решителна жена во елегантен црн фустан, која отпловила преку океанот за да ја исполни својата мисија, навидум е целосна спротивност на осамената и запоставена девојка од село. Но, како што филмот напредува, нивната врска постепено се открива и фактот дека тие би можеле да си донесат спасение една на друга од угнетувањето, како и духовно ослободување.
Во главните улоги се: Мануела Мартели, Ана Марија Веселчиќ, Филип Ѓуриќ, Мауро Ерцеговиќ Грацин, Никша Бутијер, Тина Орландини, Иван Скоко, Богдан Фаркас, Винко Краљевиќ.