Порано од планираното заврши снимањето на новиот филм на Манчевски – „Збогум, Копакабано“

Заврши снимањето на осмиот филм на Милчо Манчевски, „Збогум, Копакабано“.  Социјалната трилер-комедија за брат и сестра што крадат бисти низ Скопје, започна да се снима на 15 јули.

„Заврши снимањето. “Збогум, Копакабано” – побрзо од планираното, во предвидениот буџет, со богати слики и монументални улоги. Наспроти иницијалните сопки од филмската мафија. Фала на секој поединец во исклучително посветената меѓународна екипа. Никогаш не сум доживеал волку хармонично искуство на снимање. Сега монтажа. Се гледаме на премиерата.“ – објави Манчевски.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.