Пo големиот концерт во Хераклеја разговаравме ексклузивно со Владо Георгиев! Во ова интимно и искрено интервју, Владо открива што е на неговата рајдер листа? Зошто некои песни никогаш не ги објави? За фестивалите и за неговата активност на Твитер но и зошто верува дека музиката и политиката не смеат да имаат никава врска ќе прочитате во редовите подолу.
После шест години повторно настапувате во Битола. Зошто имавте толку голема пауза од големи настапи во Македонија?
Владо Георгиев: Голем концерт немаше долго. Се и сешто се случуваше последниве години. Глупостите со короната, за која и тогаш велев дека е глупост и дека буквално сите ние кои се занимаваме со некаква јавна работа бевме демонизирани, сатанизирани и ни беше забрането правото на работа на некој начин. Но мислам дека сега е време за вистински добри концерти во Битола и цела Македонија.
Продукцијата на концертите е за вас на прво место па токму затоа во Битола дојдовте со речиси комплетно своја техника. Што вие е најважно во таа смисла и што сe наоѓа на рајдер листата освен техничките ставки?
Владо Георгиев: Многу ми е важна опремата и продукцијата, како квалитетот би бил поблизок до тоа како тие песни звучат во оригиналот. Имам навистина добар бренд со кој долго свириме заедно. Опремата е нешто без што не се може и не прифаќам да свирам на било какво озвучување и некои слаби уреди. Опремата мора да биде совршена по цена на тоа да некаде не одржам концерт. Што ќе има друго на рајдер листата, ми е најмалку важно. Јас сум приватно многу лабав и не сум некаков сноб. Не барам луксузен хотел со специјални барања, само некаде да ми биде пријатно и да биде чисто. А дали ќе има скапо јадење и пиење ми е најмалку важно. Важно ми е што ќе и донесам на публиката и како ќе го одржам концертот.

Постојат песни кои постојано ги изведувате на концертите но никогаш официјално не излегоа како синглови или дел од албум. Зошто е тоа така и дали некогаш ќе ги видиме на платформите или носач на звук?

Владо Георгиев: Се уште не е. Се случи во 2019 година кога започна короната да снимам спот за песната „Требам те ја“. Започнав да ја миксам, а во меѓувреме го селев и студиото па се случи песната никогаш да не излезе како издание. Но луѓето ја научија и засакаа дека започнав да ја свирам во живо. Па остана само како лајв верзија. Сето тоа малку се одложи заради целокупната ситуација. Гледате какви се времињата, тешки и незгодни. И во Србија не е баш најдобра ситуацијата во политиката, луѓето се поларизирани. Тешко е да се работи нешто ново и да се инсистира на промоција на нешто, кога она што е од круцијално значење е пореметено. Кога ситуацијата во опшеството не е добра, не е ни добро да се издаваат песни. Тие не можат да го најдат својот простор затоа што има премногу политика и политички маркетинг во секоја смисла, а тоа страшно му смета на уметноста. И понатаму инсистирам тоа што го работам да е уметност а не некаква естрадна музика и не мислам дека сум некој чисто естраден лик ниту пак така се доживувам. Се обидувам секој настап да добие друга димензија од онаа што се нуди во моментов на пазарот.
Во минатото настапувавте на фестивалите како „Сунчане скале“. Денес се уште се одржуваат слични фестивали, но колку мислите дека тие се релевантна платформа за промоција на изведувачите?
Владо Георгиев: Кога фестивалите би си работеле како што треба би биле добри. Чист доказ за тоа е „Санремо“, кој и понатаму живее како еден одличен фестивал. Кога организаторите не би ги сметале фестивалите за бизнис туку како нешто што може да ги лансира некои млади луѓе и на големите ѕвезди им даде простор да промовираат нешто ново. За жал фестивалите кај нас не се на тоа ниво. Баш размислував со некој да го покренам тоа во Херцег Нови или околината, за целиот регион. За некои нови млади талентирани луѓе да се промовираат а и ние кои веќе имаме кариери да можеме на некој стар и шармантен начин ги претставиме новите песни.
Познати сте по вашата активност на Твитер, каде што отворено и со доза сарказам ги коментирате случувањата во опшеството. Дали осеќате одговорност како јавна личност да зборувате за тие општествени аномалии или тоа вие некаква платформа-вентил за мислите?

Прашањето е деликатно а одговорот би бил и едното и другото. Неодамна еден јутбер добро ги објасни моите твитови и воопшто начинот на кој јас таму се обраќам. Тој даде една споредба дека Илон Маск и некои богати луѓе, имаат ненормално голема сатисфакција да се расправаат со некој на Твитер и дека тоа е над парите и богатството. Потребата за јавно изнесување на мислење на секој нормален човек е голема. И кога на тоа додадеш дека јас сум јавна личност, тогаш тоа е уште поважно. Е сега, она што е лошо во целата приказна е ненормалната појава на ботови од секоја врста. Тоа што на Твитер дојде многу омраза е најгрдата страна на политиката. Не зборувам за власта или опозицијата кај нас, туку и за куп невладини организации кои се многу спорни, со сомнително потекло и грозни агенди. Се се сведува на фарми на ботови кои имаат илјадници профили, но за среќа немаат вистински следбеници туку се следат меѓусебно. И се обидуваат да создадат слика дека тоа некое мислење кое го застапуваат, но за брзо испаѓа дека тоа не е така и дека зборот на некој кој има автентични следбеници кои те следат е неспоредливо помоќен од сите нив заедно во секоја расправа. Без разлика дали се ботови, некои фракции и организации или сите заедно. Особено кога не ја говорат вистината а тоа е во 90% од случаите.
Верувам ги следите случувањата со познатата „Гитаријада“ во Зајечар и неодамнешниот инцидент во Лозница. Како вие гледате на ситуацијата?
Владо Георгиев: Се обидувам да си го одржам зборот кој си го дадов себе си пред можеби пет години, дека никогаш повеќе својата музика нема да ја ставам во било каква функција на политиката. Бидејќи се испостави дека е бесмислено. Што и да кажам некој го става во друга смисла и се случува некоја замена на тезите, па мојот одговор на крајот не е тој што сакав да го дадам. Тажно е политиката да задира во музиката во било која смисла. Ако дошло до откажувања од политички причини тоа е нешто апсолутно неприфатливо. Тогаш треба да престанеме да зборуваме за било каква демократија и прифаќање на било какви различности и тоа за мене како човек е неприфатливо. Ако имам некое свое цврсто мислење, јас стојам на него. Но никогаш никого нема да го отфрлам затоа што мисли поинаку. Ниту било кого ќе го набедувам, потценувам, потсмевам или дискредитирам затоа што не мисли како мене. А многу луѓе се обидуваат тоа да го направат со мене. Не можат да прифатат туѓо мислење во било која смисла и на било која тема. Јас можам да прифатам било кое мислење и разлика во мислењата. Музиката и политиката не смеат да имаат никаква врска. Истото го мислам и за религијата, црквата, институциите и културата. Не можете да го исклучите некој актер затоа што е опозиција, или кога ќе дојде опозицијата на власт па да го исклучува некој што до вчера бил власт. По мое убедување, не би требало јавните личности да се занимаваат со тоа. Затоа што ние очигледно не се прашуваме. По се што работат политичарите во целиот регион и на планетарно ниво, а пред се во Европската унија се гледа дека сите имаат еден работодавец и сите повторуваат како овци едно исто по наредба. И тоа е особено видливо после тој злосторнички форум во Давос, после кој сите како кокошки повторуваат тоа што таму го добија на лист за да го зборуваат и спроведуваат. Сите држави од поранешна Југославија, сакале ние да признаеме или не, се мали банани држави на кои една творба им кажува што ќе прават. Ако не се прашуваат ни луѓето што ги водат државите, што се прашуваме ние? Ништо! Тогаш е најлесно луѓето да влегуваат во меѓусебни конфликти, и тоа една неверојатна катастрофа која се случува меѓу нас луѓето. Го снемува разбирањето и доаѓа до страшни конфликти. Видете што се случува во Украина каде два братски народи завојуваа, видете што се случува во Палестина, Израел, Иран. А никој не спомнува што се случува во Судан и Јемен. И понатаму сме робови на ТВ кутијата на Сорос и мејнстирм медиумите кои некој ги уредува, и пласира многу искривена слика и информации односно дезинформации. А нам ни останува ако и малку размислуваме со своја глава, да пратиме некои Телеграм канали за да видиме што навистина се случува. А се останато е некоја фарса бидејќи дојдовме до тоа дека се што гледаме на телевизија не е вистина туку ноторна лага.

Живееме во време на инстант хитови и рефрени за Тик-Ток а паралено и винилите се во тренд. Дали трендовите го убија класичното компонирање и дали некој денес ги слуша албумите во целост?
Владо Георгиев: Јас сум сигурен дека тоа е само впечаток дека исчезнува музиката. Не е точно. Секој квалитет опстанува и трае. А трендовите, се моментални и поминуваат. Видете ги само оние типови кои ги носеа оние тесни и куси пантолони. Јас уште пред две-три години велев: „сите ќе ви се смеат кога утре-другиден ќе ве видат на слики со нив“. Сега е тоа веќе многу смешно. Или исто пред десетина години беа во мода некои скроени бради или на пример фризурата „тарзанка“ од деведесетите. Сега тоа е многу смешно. Трендовите се тука за да постојат кратко. Ако зад нив не стои квалитет, тие не опстојуваат. Во дигиталната ера на Тик-ток и кратките форми, трепот го најде својот пат, но тоа всушност е формат а не музика. Не сакам да кажам дека тие немаат простор и тоа не е популарно. Напротив тие се многу популарни и користат некои битови за да се изразат и раскажат некоја приказна која актуелна помеѓу младиот свет, но тоа не е музика. И затоа тие прават клупски настапи и low budget спотови. Секако не треба да се потценуваат, бидејќи се што луѓето конзумираат во таа смисла има некое свое оправдување. Да немаше публика, немаше да постои. Колку ќе трае не знам. И во деведестите, музиката беше во некаква криза па сега тие изведувачи и песни се слушаат на настани чисто од носталгија на луѓето кои во тоа време растеа со метален каиш и кожна јакна, да дојдат за забава и да ги слушаат деведестите. Но таа музика не опстана, па нема да опстане ни оваа. Појавата на винилот говори во прилог на она што го реков. Само се чини дека дигиталното ја „изеде“ музиката. Напротив, верувале или не, многу млади слушаат музика од осумдесетите и рокенрол. Веројатно родителите кои не се дел од некој усилен мејнстрим, на децата од мали им ја пуштаат музиката која ја сакаат. Моите ќерки дома сакаат да пуштаат плочи и слушаат музика. Ним тоа им е интересно, дека музика не е само YouTube, туку е некој медиум. Јас имам се уште и CD-а и касети и им објаснувам како функционираше тоа. Она што е навистина убаво денес, е дека младите сакаат да држат нешто реално а не нешто виртуелно. Тоа е како фотографиите во телефонот кои ги имаме илјадници, а реално немаме ниту една. Тие постојат во меморијата на телефонот и ако меморијата пропадне заминуваат и тие. Винилот е прекрасен начин на некој да му поклоните нешто. Целиот тој ритуал да ја отпакувате, извадите и пуштите, дава едно големо почитување на оној кој тоа го создал и оној на кој сте му ја подариле. Секоја плоча е вистинско уживање. Јас никогаш не престанав да слушам плочи, ни во времето кога издавањето CD беше масивно. Тоа е посебен шмек и звук. Во многу брз временски рок ќе ги објавам своите песни на винил, и сигурен сум дека ќе има многу добар одзив, особено кај младите.

Фото: Леонид Ташовски