Битола е уметност, историја, посебна приказна… Посебен шарм и град на културата. Мозаик од вистински вредности, традиција, географска положба и грациозна, достоинствена историја. Онаа која знаела да засвири на клавир, да симне паларија и да те поздрави со вистински урбан шмек. Битола е град и Битола е градска. Сликовницата „Битолскиот клавир Петко“ ја раскажува токму таа урбана бајка.
Приказната го следи клавирот Петко (комичен и допадлив лик за најмладата публика). Петко се раѓа во Париз, но поминувајќи низ многу премрежја и животни судбини, патува до Истанбул, а потоа пристигнува во градот на магнолијата – некогаш и градот на клавирите. Но, еден ден, во Битола ги одземаат сите „клавири“…
„Да ги вратиме ,,клавирите.“, вели авторката Елена Наумовски. Зад себе има две збирки поезија и еден роман (коавторство со Владимир Ивановски – Дади), а моментално работи на сценарио за игран филм во соработка со режисерот Антонио Митрикески, корежисерот Омер Зекировски и директорот на фотографија Беби Зекировски. Неофицијално, во проектот е вклучен и актерот и шоумен Игор Џамбазов. Како и сликовницата, и филмот ќе ја има Битола како главна сцена.
„Имаме што да кажеме за овој град. Но, дали ќе нè слушнат? Ова е апел за поддршка на македонските автори, уметници, филмаџии и промоција на нашата историја, културно наследство и традиција. “ додава Наумовски.
Илустрациите се дело на Мирјана Бубевска. Нејзиниот автентичен стил ги оживува бајките носејќи на ,,сцена” ликови во кои ќе се вљубите на прв поглед. Авторката и илустраторката најавуваат дека
ова е само почеток – планот е да се создадат сликовници за сите градови во земјата, за на младите генерации да им се пренесе културата и историјата на Македонија.
Промоцијата е на 18 август (понеделник) во 19:00 часот. Настанот е во рамките на Бит Фест (Битолско културно лето е поддржан од Општина Битола, како и неколку општествено одговорни компании кои веруваат дека уметноста, културата и урбаниот крик сеуште постојат во Битола. Промоцијата ќе се одржи во просториите на Book’s House – Битола, а најмладата публика ќе може да ужива во друштво на кловнот Заги и во креативна детска работилница со Ankica Adams Art – уметничко ателје. За сега книгите ќе бидат достапни за продажба во книжарата Book’s House.