Почина Габи Новак

Познатата хрватска пејачка Габи Новак почина на 89-годишна возраст.

За потсетување, Габи Новак минатата година доживеа повреда на ‘рбетот, што резултираше со нејзино хоспитализирање во рехабилитационен центар во Загреб. Габи беше во брак со легендарниот Арсен Дедиќ со години, со кого го доби синот Матија, кој неодамна почина.

Родена е на 8 јули 1936 година во Берлин, каде што го поминала дел од детството. Потоа се преселила со семејството во Хвар, а потоа во Загреб. Таму дипломирала на Факултетот за применети уметности, со насока графика, и кратко работела како карикатурист во Загреб филм, во студиото за цртани филмови. Кон крајот на 1950-тите, таа почнала да настапува, а нејзиниот препознатлив глас набрзо ја направил една од најпопуларните пејачки на југословенската музичка сцена во тоа време. Нејзиниот репертоар вклучувал поп и џез, а веќе во текот на 1960-тите години стекнала голема популарност и критички признанија. За време на нејзината богата кариера, таа снимила голем број албуми и синглови и соработувала со врвни композитори и музичари. Нејзините уметнички достигнувања се потврдени со бројни награди, вклучувајќи неколку награди Порин – во 2002 година за најдобра џез изведба, во 2003 година за албум на годината, најдобар женски вокал, најдобар поп албум и најдобра вокална соработка, а во 2006 година ја добила и наградата Порин за животно дело. Прво беше во брак со композиторот Стипиќ Калоѓер, а по нивниот развод во 1970 година, на 30 март 1973 година се омажи за кантавторот Арсен Дедиќ, кој беше нејзин сопруг и уметнички соработник до неговата смрт во 2015 година. Во бракот се роди син, Матија Дедиќ, истакнат џез пијанист, објавува Индекс. Габи Новак често е нарекувана прва дама на хрватската поп-музика, а нејзината интерпретација, емоционален израз и уметнички стандард оставија траен белег врз музичкото наследство на Хрватска и поширокиот регион.