Театарската претстава „Ноќта кога ја убив месечината“ својата 26. изведба ја доживеа синоќа на 9 август на полна месечина на Големо Езеро (2218 метри надморска височина), Пелистер.
Совршениот спој на вечноста отсликана низ отсјајот на полната месечина на површината на езерото и моќната енергија на актерите инспирирани од мирот и спокојот на природната сцена, надополнети со желбата на публиката да се доживее едно ново патување низ реалноста на секојдневието, ја направија оваа изведба многу повеќе од обична театарска уметност. Убавините на природната сцена на моменти делуваа и помалку нереално, а присутните ја проследија театарската претстава во неверување дека и тие се дел од еден магичен миг на вечноста.

Настанот беше организиран од Национален парк „Пелистер“ во соработка со НУ Народен Театар – Битола и Камерен оркестар на Битола со поддршка на Општина Битола.