Македонската копродукција „Оче наш“ со Тони Михајловски ќе има премиера на TIFF

Дебитантскиот долгометражен филм „Оче наш“ на писателот и режисер Горан Станковиќ е вклучен во официјалната селекција на јубилејниот 50-ти Меѓународен филмски фестивал во Торонто (TIFF), како дел од престижната програма Discovery, која ги афирмира највозбудливите нови автори на светската кинематографија.

TIFF се смета за еден од највлијателните фестивали на современиот филм, а селекцијата Discovery е позната по лансирањето на кариерите на режисери како Алфонсо Куарон, Кристофер Нолан, Марен Ада, Јоргос Лантимос, Мајкл Ханеке и Бери Џенкинс.

Горан Станковиќ, познат на пошироката јавност како ко-сценарист и режисер на сериите „Сабја“ и „Утрото менува сè“, магистрирал по режија на престижната филмска школа AFI во Лос Анџелес.

Неговиот прв долгометражен филм носи смела авторска визија за сложената врска помеѓу моќта, верата и личната одговорност. Филмот го следи Дејан (Вучиќ Перовиќ), зависник од дрога кој доаѓа на лекување во манастирска заедница во оддалечен дел од Србија. Таму, тој е земен под грижа на отец Бранко (Борис Исаковиќ), харизматичен и строг свештеник чии методи на „лекување“ стануваат сè поекстремни. Покрај Перовиќ и Исаковиќ, во филмот глумат и Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ и други, во силни улоги што дополнително ја осветлуваат динамиката во затворената заедница.

Горан Станковиќ, режисерот на филмот, по повод објавувањето на филмот изјави:

„За мене, овој филм е првенствено приказна за злоупотребата на моќта. Ме интересираше како изгледа систем кој се претставува како простор на спасение, базиран на вера, но во реалноста функционира преку страв, контрола и целосна послушност. Сакав да разберам каде е линијата помеѓу помошта и манипулацијата и што се случува кога верата престанува да биде личен чин на надеж и станува алатка за воспоставување моќ. Ова е филм за системи кои истовремено обезбедуваат структура, а ја одземаат слободата. Во центарот на филмот е човек кој бара помош во рамките на заедница во која насилството не е исклучок, туку правило на функционирање“.

Пред светската премиера, престижното списание „Варајати“ го потврди меѓународниот интерес за филмот на Станковиќ, претставувајќи го како „моќна драма за тоа како верата и дисциплината можат да прераснат во контрола“.

Списанието особено ја нагласува сложената морална тема, прецизниот визуелен стил и силните актерски изведби.

Сценариото е напишано од Горан Станковиќ, Дејан Прчиќ, Огњен Свиличиќ и Маја Пелевиќ.

Филмот е продуциран од Снежана ван Хаувелинген, а продуцентските куќи кои го потпишуваат филмот се This and That Productions (Србија), со копродукција со Италија (Nightswim), Хрватска (PomPom Film), Црна Гора (KINO), Северна Македонија (Dream Factory), Босна и Херцеговина (Novi film) и Србија (Cineplanet).

Филмот е поддржан од Филмскиот центар на Србија и Министерството за култура на Република Србија, како и MIC – Министерството за култура на Италија, HAVC – Хрватскиот аудиовизуелен центар, Филмскиот центар на Црна Гора, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Сараевскиот филмски фонд, програмата MEDIA на Creative Europe и фондот RE-ACT. Развиен е преку програмите First Films First и MFI Script2Film Workshop.

Светската премиера на филмот ќе се одржи во Торонто на почетокот на септември, додека домашната премиера и кино дистрибуцијата во Србија се очекуваат до крајот на годината.