Бугарската актерка и режисерка Ефимија Павлова и македонските актери Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска се членови на жири комисијата на 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Овогодинешното фестивалско издание ќе се одржи во традиционалниот термин од 3 до 7 август во НУ Центар за култура – Битола.
Ефимија Павлова е бугарска актерка и режисерка која е актуелен директор на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија. Дипломирала глума за куклен театар на Националната академија за драмски уметности „Крсто Сарафов“ во Софија а магистрирала режија на Југозападен универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград. Директор е на Државниот куклен театар – Сливен од 2001 година до денес. Била актерка од А категорија во ДКТ – Сливен (1972-1998) а била слободна актерка во првиатниот театар „Елфи“ кој го основала и водела (1998-2001). Во 1989 година била прогласена за актерка на година од Сојузот на драмски уметници на Бугарија а во 2012 година добила признание за меѓународен придонес во развојот на куклениот театар во Сараево. Павлова е е организатор на Меѓународниот фестивал на уметност „Магијата на ветерот“ во Сливен.
Тони Наумовски е македонски, австралиски, американски актер, кој живее во Њујорк. Роден е во Сиднеј, Австралија. Во 2000 година, дипломирал на една од најпрестижните четиригодишни академии за глума во Европа, Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија, во класата на легендарното трио мајстори: Стефан Данаилов, Илија Добрев и Ивајло Христов. Во 2003 година, дипломирал на магистерската програма по театарски студии на Универзитетот во Нов Јужен Велс, Сиднеј, Австралија, кај познатиот професор по англиски јазик од Оксфорд, Џим Дејвис. Во 2005 година, добил стипендија за целогодишна работа преку Уметничкото училиште „NYU Tisch“ од г-ѓа Ана Стразберг, покојната вдовица на Ли Стразберг, за да се специјализира во методот на глума на Стразберг во Театарскиот и филмски институт „Ли Стразберг“. Се појавил во над 200 театарски, филмски и ТВ продукции на меѓународно ниво, добивајќи критички и комерцијални признанија. Настапувал на меѓународно ниво, вклучително и во Народниот театар – Битола, Бугарскиот национален сатиричен театар, Театарскиот центар „Сејмур“ во Сиднеј, Австралија, WEST Art Teatr – Букурешт, Романија, CROSSINGS Познан, Полска. Како и бројни улоги во OFF Broadway и Indie NYC Theater.
Мартина Тапарчевска e родена во Скопје и е македонска актерка која работи во театар, телевизија и филм. Дипломирала глума на Факултетот за драмски уметности – Скопје во 2009 година, во класата на професор Владимир Милчин и доцент Сузана Киранџиска. Настапувала на Академската сцена на ФДУ – Скопје, Детски театарски центар – Скопје и учествувала на следниве фестивали: „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, ДАФ – Кочани, „Скомрахи“ – Скопје, „СКЕНА АП“ – Приштина (Косово), „Скопско лето“, „ФИСТ“- Белград (Србија) и многу други.