Синоќа, на 11 јули 2025 година, традиционално со церемонија на доделување на наградите, во Сарајот во Ресен заврши 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа 2025.
Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска, членови, наградата Актер на Европа за годишно остварување му беша доделена на македонскиот актер Здравко Стојмиров, за неговата изведба на претставата „Фетишист” по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народниот театар Битола.
„Наградата „Актер на Европа“ е една од најзначајните што сум ги добил досега , а воедно и најдрагата. Отсекогаш било најтешко да бидеш препознаен токму во својата земја, па токму затоа ова признание има посебна тежина и значење за мене. Искрена и длабока благодарност до Фестивалот „Актер на Европа“, до организаторите, до претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш, до публиката, до моите најблиски и до сите што ме поддржуваат. Ви благодарам за честа и за довербата.“ – вели Стојмиров.
Завршната вечер ја одбележа и изведбата на претставата „Јелена Савојска” работена потекст на Марија Сарап, во режија на Зоран Ракочевиќ, со актерката Јелена Ѓукиќ од Црна Гора, која воедно ги понесе наградите за најдобра претстава и најдобар драмски текст.
Наградата на публиката ја понесе претставата „Нушиќ лично”, текст и режија Миодраг Илиќ, во продукција на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ” од Заечар и Фондацијата „Нушиќ” од Белград,Србија.
Наградата Жак Лакариер и припадна на претставата „Lebensraum – Експеримент во добрина”, работена по текст на Танасис Триаридис,во режија на Јанис Димакас, од Театарот Теато Парамитиас Теспортиас, од Грција.
Наградата „Млада Европа” им припадна на Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓоргиев Илиоски за улогите во претставата „Сега му е мајката”, работена по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов ,и во продукција на „Алтернативен театар Пробатон”, Свети Николе.