Синоќа на свечениот настан во Центарот за култура „Марко Цепенков“- Прилеп беше отворено 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“- Прилеп. Голем дел од врвните македонски актери, режисери, селектори од другите фестивали и театарски уметници и работници беа присутни на вчерашната церемонија.
Отворањето на фестивалот беше одбележано со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на Македонскиот народен театар. Претстава која за период од шест месеци е одиграна триесет пати, и за која влезниците се продаваат месеци однапред. Големата актерска екипа успеа и да ја насмее и да ја намршти публиката, која час и половина ја следеше нивната неуморна и прецизна игра.
На јавноста добро им беше позната одлуката за овогодинешните добитници на наградата за животно дело, која собранието на фестивалот ја доделува на афирмирани творци во областа на театарот. Публиката имаше можност да ги чуе тројцата добитници-првенци на македонскиот театар, Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски кои вчера ја примија својата награда.
„Тешко се искачив на сцената на Вашиот или нашиот театар, полесно ми е кога се наоѓам на самата сцена. Толку животи изживеав на сцената, а во животот само еден. Но и тогаш кога живеев не чувствував дека живеам ами кога ќе стапнам на сцената и играм некоја задача чувствувам дека постојам. Со вашиот аплауз најпостојано постојам.“, истакна доајенката на Македонскиот народен театар, Снежана Конески-Руси.

„Има четириесттина години од моето дружење со театарот и во театарот. Од далечната 1984 година од минатиот век, а во овој век сега и овде на сцената на фестивалот „Војдан Чернодрински“ можам да кажам дека сите изминати години за мене беа една возбудлива авантура на умот и срцето. Авантура која како и театарот има и светла и темна страна. Светлата страна,онаа убавата-предизвикувачка да се креира и создава еден лик, една претстава во постојана потрага по некоја сценска вистина за човекот, луѓето, животот. Втората, онаа која постојано е предизвикана од промени и трансоформации-системски, политички и општествени кои што во овие четириест и плус години неизбежно ги носам на театарската сцена, оставија белег и лузна и врз срцето, и врз умот.“, рече Соња Михајлова, доајенка на Народниот театар – Битола.

„Сцената на театарот е мојот втор дом, да не речам прв. Кога ќе ти доделат признание е доказ дека тоа што си го работел не си го работел бадијала, туку си работел квалитетно и си доживеал успех. Би ви се заблагодарил вас драга публико за тоа што сум денеска. Јас без вас не би бил апсолутно ништо. Во знак на наводници, виновникот сум и јас затоа што животот ви го посветив вам.“ – рече Гоце Тодоровски, доајенот на Драмски театар – Скопје.
