„Снежана“ забранет во една држава заради главната актерка

Актуелната филмска адаптацијата на „Снежана и 7-те џуџиња“ на „Дизни“ е забранета во либанските кина. Израелската актерка Гал Гадот, која во филмот ја толкува улогата на Злобната кралица, е на списокот на луѓе бојкотирани од Либан. Според локалниот весник Ан-Нахар, забраната ја препорачал министерот за внатрешни работи на Либан, Ахмад Хаџар.

Ова не е прв пат Либан да забранува филмови во кои глуми Гадот. „Death on Nile“ и двата филма „Wonder Woman“ претходно беа блокирани, токму поради нејзината поврзаност со Израел. Гадот е родена во Израел, а пред да стане позната манекенка и актерка, служела во Израелските одбранбени сили (ИДФ). Од 7 октомври 2023 година, актерката силно се залагаше јавно за израелската страна во конфликтот со Хамас и Хезболах.

За време на говорот на самитот на Лигата против клеветата во 2024 година, таа изјави: „Никогаш не можев да замислам дека луѓето, на улиците на САД и другите градови низ светот, не само што ќе одбијат да го осудат Хамас, туку ќе го слават, оправдуваат и бодрат масакрот на Евреите“.

Забраната за „Снежана“ доаѓа во време на израелски напади врз Хезболах во јужен Либан, кои предизвикаа цивилни жртви. Претходно оваа година, Либан исто така го блокираше прикажувањето на филмот на „Марвел“, „Captain America: Brave New World“ поради улогата на израелската актерка Шира Хас.