Еден од многуте културни настани кои го одбележаа ова лето во Битола, и дефинитивно еден од најуспешните, најдобри и најпосетени концерти досега беше настапот на легендарниот Жељко Бебек, заедно со неговиот нов состав.
Познато е дека тој беше фронтмен на една од најпознатите рок групи од Југославија, „Бијело дугме“ во периодот кога тие беа најуспешни. Тој, со неговиот препознатлив глас ги закити најубавите балади кои и денес, сѐ уште живеат, се слушаат и се пеат на овие простори. Бебек денес е уметник кој веќе четириесет години твори во правецот на рок музиката како соло изведувач, и создава музика за сечиј вкус.
Оваа година Жељко слави јубилеј од педесет години постоење на сцената. Концертот кој се одржа на Ракометното игралиште во Битола, во организација на Сцена продукција е дел од турнејата која ќе продолжи и следната година.
Култура24 имаше исклучителна можност да поразговара со рок ѕвездата и да го реализира ова интервју. Дознавме нешто ново за периодот кога тој беше дел од „Бијело дугме“, за неговата соло кариера, неговите доживувања, ама и идните планови.

После четири години повторно сте во Битола. Дали после турнејата ќе паузирате, па следуваат нови проекти или ова е проштална турнеја?
Жељко Бебек: Ниедна турнеја нема да ми биде проштална се надевам, оти не знам ништо друго да правам освен ова, а не знам да седам неактивен и без работа. Драго ми е што сум успешен и што успевам да израдувам некои луѓе и тогаш тоа е заедничка радост, убава забава, конзумираме слобода, колку што можеме повеќе и тоа нѝ е целта. Јас од почетокот се занимавам со рокенрол заради тоа да би имал слобода.
Си ја исполнавте желбата за дует со Звоне. После педесет години кариера имате повеќе соработки како тие со Зана, Оливер, Халид, браќата Тавитјан и Фрајле. Дали имате желба за нови дуети и соработки?
Жељко Бебек: Искрено, јас сум им ги исполнувал желбите на колегите. Кога ќе посакаа да пеат со мене јас ќе прифатев и ќе го направевме тоа. Тоа се десет-петнаесет колеги кои добија своја прилика и пеевме заедно. Воглавно, сите тие песни останаа хитови. Но, малку се уморив од тоа и сега приказната ја сведов на тоа да работам само со син ми, двајцата да правиме шоу и да имаме сјаен бенд кој ќе нѐ следи. За нас има многу време. Ја прекинавме соработката со сите автори кои работеа за мене и сега сме само Звоне и јас. Ова е големо задоволство и вечерва со задоволство ја претставивме нашата најнова песна која сѐ на сѐ е стара два месеци. Посебно ми е драго што ова овде е во рамките на прославата за педесет години од моето прво појавување, а следната година ќе продолжиме со оваа турнеја со навестување дека тогаш полнам осумдесет години, и на некој начин бројот педесет ќе го поместам на осумдесет. Овие концерти се полни со енергија, сјаен звук, сјајна екипа и организатори, и секако најдобра публика како оваа вечерва во Битола.

Песната „Пристао сам бићу све што хоће“ од албумот „Доживјети стоту“ е една од најпејаните песни на „Дугме“. Текстот е на Душко Трифуновиќ, а Вие наводно не сте сакале да го отпеете оригиналот кој гласеше „Пристао сам да будем играчка, да продајем душу врагу своме.“ Многупати досега сте покажале дека се држите до своето, па дали Бебек и во кариерата и во животот не се согласува да биде играчка, и дали е тоа причината за промената на текстот?

Жељко Бебек: Душко Трифуновиќ беше сјаен писател, но некогаш, за песната да биде отпеана и да би влегла и во музичка форма, на некој начин мора да го промени својот речник и фигура. Тоа не е никаква голема интервенција со тоа што нашата верзија „Пристао сам бићу све што хоће“ и „Пристао сам да будем играчка“ се исти песни, само што едната е напишана, а другата е отпеана. Јас многу сакав да ги пеам текстовите на Душко. Тој вистина беше голем и неповторлив писател, и горд сум што во мојата кариера имам неколку сјајни песни напишани од него.
Тогаш, дали постои песна која најдобро Ве опишува?
Жељко Бебек: Многу од песните ги доживеав длабоко и емотивно, и така и ги отпеав. Јас самиот уживам во музичките форми кои можат да се запишат како рокенрол, но кога ги бирав песните ги бирав оние кои со својата емоција, сензибилитет и талент можам да ги отпеам најдобро. Мислам дека така и е запишано во мојата кариера од педесет години, дека сум пејач кој изведува сјајни, емотивни песни. Не спаѓам во пејачите кои пејат преработки и никогаш не сум отпеал песна која некој друг, пред мене ја испеал. Кога ми бараат да пеам песни од „Дугме“ кои се мои, сѐ е во ред, но останатото нема никаква врска со мене. Ако треба да пеам преработки ќе ја пеам „Јестердеи“ од Пол Меккартни или „Имеџин, но да пеам не знам која песна ми е без врска. Би сакал, ако публиката ме почитува, да сфати дека сѐ што пеев, пеев за нив и дека некои песни можат да ги бараат од некој друг, ама од мене не.
На првиот албум на „Бијело дугме“, „Кад би’ био бијело дугме“ се наоѓа песната „Селма“ чија приказна зборува за една неуспешна љубов. Имаше и други љубовни песни, а тогаш бевте релативно млади. Како тогаш ја доживувавте „Селма“ и другите песни? Колку годините, зрелоста и Вашите љубови ги менуваа чувствата и емоциите?
Жељко Бебек: „Селма“ е исто така плод на еден сјајен поет, Владо Дијак. Човек полн со дух и емоции, кои сите доживувања сакаше да ги опише за сите нас во песната наречена „Селма“, за Селма која ја познавал, која ја сретнал и со која поминал убави моменти опевајќи ги за неа. Јас страшно уживав во тоа, мене ми се чинеше како духовита песна, но тоа е длабоко емоционална и многу љубовна песна. Заради тоа останав верен на истата и таа е песна која најмногу пати во кариерата сум ја отпеал. Дури бев и пријател со Селма, од денот кога се преселив во Загреб таа беше во моето соседство и до нејзината смрт знаевме да се најдеме во кафуле и да го испиеме утринското кафе. Бидејќи знам дека таа песна го допира секој во публиката која ме слуша со големо уживање, и после четири години пауза вечерва повторно ја испеав во Битола.

Албумот „Успаванка за Радмилу М.“ е сниман во Скопје. На некои песни учествуваат Влатко Стефановски и октет „Македонија“. Што Вам ви остави најголем впечаток од тој период на снимање?

Жељко Бебек: Јас бев многу изненаден дека Скопје во тој момент имаше технологија доволна за на еден голем бенд да му пружи студиски услуги. Ние комбиниравме. Снимавме во Скопје, па отидовме за Лондон, во студиото на Пинк Флоид каде сето тоа се миксаше и каде отпеав неколку песни. Тоа е мојот последен албум со „Бијело дугме“ и останав секогаш задоволен. На тој албум Горан се зафати со политика и со тоа ме дискредитираше и ме исфрли од бендот, бидејќи знаеше дека јас не сакам да имам врска со политика и исклучиво сакам да пеам љубовни песни. „Косовска“ која беше сјајна љубовна песна, а за која текстот го напишаа луѓе од Албанскиот театар во Скопје, потоа тоа доби политичка конотација во времето кога се правеше. И тоа беше една од причините да се „оладам“ од „Бијело дугме“ и да ја продолжам кариерата сам, каде никој нема да може да ми наметне песна туку ќе пеам она што јас сакам.
По примерот на светскиот тренд на ремиксање на легендарните албуми, од неодамна во продажба е досега невидената верзија на албумот „Битанга и принцеза“ и тоа со оргиналниот омот за кој тогаш, Југотон забрани да се искористи за албумот. Имавте прилика да го чуете. Како Ви се допадна и какво значење има за Вас овој ремикс?
Жељко Бебек: Мислам дека оваа работа која нѝ се случува во ова време е преубава, кога на многу албуми во светот повторно му се прави ремикс. Сега тие стари албуми добиваат нов живот, а се надевам и „Битанга и принцеза“. Јас го преслушав албумот и сигурно ќе добие „ветер во грб“ особено кај колекционерите, а сите кои сакаат да ги слушаат „Дугме“ ќе бидат задоволни. Мислам дека тоа е најубавата работа што ми се случила поврзана со „Дугме“ после толку време. Во продажба е од вчера, а јас го добив примерокот два дена порано и се воодушевив. Тоа звучи светски и многу сум задоволен.


Интервјуто го реализираше Леонид Ташовски, на ден 18.7.2024 година.
Фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски