Еден од најдобрите поп женски вокали на Балканот но и една од ретките вистински дами на естрадата, Александра Радовиќ одржа два прекрасни концерти во Битола и Скопје. Култура24 екслузивно имаше прилика да поразговара со Александра пред нејзиниот концерт во Битола за нејзината прва модна колекција, брендот AR Home & Living, нејзината музичка школа но и за музичките фестивали кои повеќе ги нема.
По долга пауза се почесто настапувате во Македонија, дали сте за прв пат во Битола?
Александра Радовиќ: Да, по прв пат. Кој би рекол? Во дваесет и нешто години кариера. Утре е Филхармонија во Скопје, се радувам на тоа. Сум доаѓала претходните години во Скопје но ова е прв концерт во Филхармонија а добив убави коментари за самиот простор. Се надевам дека ќе биде супер и во Битола и во Скопје.
По повод 20 години од првиот голем хит го лансиравте својот бренд AR Home & Living. За што се работи?
Александра Радовиќ: Почнав на повеќе фронтови и мислам дека дваесет и нешто години постоење заслужува во рамки на мојот бренд да се појават некои парчиња зад кои можеме да застанеме и кои ќе нѐ претстават како некое продолжение на квалитетната кариера која ја имаме. Па така настана и AR Home & Living, тоа е серија на луксузен порцелан обработен со злато а помеѓу останото настанува и ова колекција за светот на модата.

Денеска го објавивте првиот фустан од новата модна колекција што ја лансиравте. Од каде инспирацијата за оваа модна линија?
Александра Радовиќ: Најмногу бев инспирирана од овие трендови кои жената ја изместуваат од оној контекст на дама, сведеност, елеганција и ја ставаат во нешто сосема поразлично. Па сакав да го искористам своето влијание за начинот на кој јас ја гледам жената за секоја млада жена, девојка и дама да можат да се појават во издание во кое се е софистицирано, ништо не е премногу откриено туку убаво се истакнува она најубавото на жената. Се работи на колекцијата и се надевам наскоро ќе биде претставена во Белград а потоа и ширум регионот.

Веќе со години работи Вашата Школа за пеење. Колку сте Вие вклучени во секојдневната работа со талентите?
Александра Радовиќ: Апсолутно јас сум секојдневно во школата. Работам со млади луѓе и таленти, заедно со своите колеги. Тоа еден дел од мојата личност кој е многу исполнет бидејќи ја сакам педагогијата и завршив музичка академија, отсек педагогија. Тоа е една моја љубов. Школата постои од 2006 година и се надевам ќе работиме вака успешно и добро. Бидејќи од школата излегоа прекрасни личности и сега големи имиња во светот на шоу бизнисот.
Имавте запазени настапи и хитови на фестивалите „Песма медитерана“, „Сунчане скале“, фестивали кои повеќе нe постојат а и се помалку ги има. Дали ерата на фестивали е завршена и колку оние неколку фестивали кои опстојуваат се релевантни за пејачите?
Александра Радовиќ: Одамна излегов од приказната со фестивалите. Тие беа една голема отскочна даска за сите млади луѓе своевремено и мислам дека беа прекрасна прилика за младите но и афирмирани изведувачи да се претстават. А и сите луѓе од регионот како аранжери, композитори, текстописци, пејачи да се соберат. Тука се разменуваа идеји, нови работи, договораа соработки, се запознаваа луѓето меѓусебно во таа смисла беше фантастично бидејќи сите луѓе од регионот бевме поврзани преку тие фестивали. Дали повторно ќе се врати тоа не знам, но се надевам бидејќи некогашниот Будвански фестивал беше вонсериски фестивал, „Сунчане скале“ беа само обид една година но тоа не беше толку успешно. Но верувам дека постои интерес за такво нешто, бидејќи сега се веќе во опаѓање се сите овие натпреварувачки шоу програми во кои повеќе е акцентот на самото жири отколку на музичарите и новите гласови. А поентата е да откриеме нови млади луѓе и со тоа ја продолжиме добрата музика во регионот.

Што да очекуваме од Александра на музички план оваа година?
Александра Радовиќ: Моментално работиме на нови песни, работам сингл кој би требало да излезе на крајот на мај или во месец јуни. Имам едно изненадување кое мислам ќе му се допадне на луѓето. Се работи на албум но не форсирам албум. Не сум ни сигурна дека до крајот на годината ќе излезе албум. Но секако ќе биде синглови на кои веќе се работи а некои завршени. Полека, како ќе се отворат работите. Јас никогаш не форсирам. Ќе има и голем концерт во Белград кој сакавме да го правиме минатата година но бидејќи Сава центар го одложи отворањето оставивме за оваа година. Ќе има концерти низ регионот, во БиХ, Србија, Црна Гора, Хрватска. До крајот на годината ќе има мноштво убави работи од мене.
