Популарниот женски музички состав од Војводина, српското трио „Фрајле“ во рамки на големата славеничка турнеја по повод 15-от роденден одржа концерт во битолскиот Центар за култура. Ова е прв од 5-те распродадени концерти во Битола, Скопје, Штип и Струмица. За новиот албум, турнејата која го прати но и нивните најнови проекти разговаравме со Јелена, Невена и Наташа пред нивниот концерт во Битола.
Во Битола е првиот од низата распродадени концерти низ Македонија на оваа турнеја. Што ќе чуе македонската публика следниве неколку дена и каде ја продолжувате турнејата?
Јелена Буча: Ние побразвме албумот „Дневник душе“ да биде готов како на турнејата би ги свиреле новите песни. Така да ќе бидат и оние стари песни на кои публиката е навикната а ќе ги свириме и новите. Едвај чекам да ги чуете и да ги видиме реакциите бидејќи некои луѓе веќе ги потпевнуваат и се надеваме дека песните од новиот албум ќе заживеаат вечерва. Ќе биде весело како и секогаш, ќе играме и пееме уште од првата песна. Нема трема ни кај нас ни кај публиката.

Албумот „Дневник душе“ е во етер веќе две седмици. Како сте задоволни со приемот на публиката и какви се првичните реакции кои допираат до Вас?
Јелена Буча: Одллични, ние гледаме најмногу по публиката и дали таа ги пее. Бројот на „кликови“ воопшто не е реален во однос на распродадените сали и контактот со публиката.
На албумот е дует со Balkan Gipsy Orchestra а на песната „Пријатељ“ ја обединивте некогашна Југославија со колеги од сите поранешни републики и со тоа испративте убава порака.

Невена Буча: На албумот „Дневник душе“ сакавме да собереме врвни музичари и наши пријатели. На песмата „Пријатељ“ гледавме од целиот регион да има по еден пејач или пејачка кој ќе отпее дел. Имаме 4 Фрајли и 4 Фрајлери, тука се Сања Долежал од Хрватска, Сергеј Четковиќ од Црна Гора, Влатко Лозаноски од Македонија, Лука Баси од Словенија и Ади Шоше од БиХ. Прекрасни се коментарите и еве песната се слуша. Песна која публиката веќе ја знае а сега е во ново руво, ја снимивме со Balkan Gupsy Orchestra и тие дадоа некој свој печат а ние запеавме на шпански. Тука е и Бернадет Њари, позната виолинистка кој по потекло е од Унгарија а живее во Америка. Таа свири совршено чардаш виолина и е еден од авторите на песната „Босонога“. Се што ќе чуете на албумот, на „Панонскиот морнар“, „Босонога“, таа виолина е на Бернадет.
Книгата на Јелена, „Како сам постала Фрајла“ ја добива својата сценска верзија како кабаре. Како течеше процесот на сценска адаптација и како ги избравте актерките?
Невена Буча: Интересно беше да се бираат актерките, гледавме да се тука од поднебјето на Нови Сад и Војводина поради нагласокот и се друго. Се разбира и да личат на нас, тука е Вишња Обрадовиќ која ме игра мене, Исидора Бурчак како Јелена и Славица Љујиќ која ја игра Наташа. Се разбира знаат да пеат бидејќи во кабарето има многу наша музика и композиции специјално напишани за кабарето. Гледавме сценариото да се адаптира, тоа да бидат приказни кои се во книгата на Јелена а да биде духовито и забавно. Да се раскаже целиот тој живот зад кулисите на еден смешен начин. Мислам дека публиката ќе ужива со нашата музика низ кабарето но и да види нераскажани приказни што се случува на естрадата и зад сцената.
Во јануари ја објавивте својата првa соло песна „Странац“ а за промоцијата се слушна ширум регионот. Како „Странац“ помина кај обожавателите на „Фрајле“ и публиката? Што е следно на соло план?

Наташа Михајловиќ: Навистина сум многу задоволна, тоа е мое авторско дело, некоја моја приказна и личен печат. Сите се прашуваат кој е тој странец. Песната се разликува од она што го правиме ние, и прекрасно што тие ме подржаа во ова. Јас велам „све се може кад се жене сложе“! Веќе на луѓето му се допаѓа она што го работам јас и немаше коментари дека „Фрајле“ се разделуваат. Публиката разбира дека секоја од нас си има некоја своја содржина и свои таленти кои сака да ги сподели со публиката. Во иднина ќе слушнат уште наши песни и мои соло песни. Ќе има кабаре, книги, работилници, што на кој му треба. Му се радуваме на сето тоа и растеме, созреваме уметнички и музички што се слуша на нашите концерти. И задоволни сме како луѓето реагираат бидејќи луѓето се навикнати на некој звук кој го имавме порано и по кој не препознаваат и не засакаа. Но мислам дека е важно за уметниците да се развиваат, шират и правни различни содржини.


Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски