Премиера на детската претстава „Волшебните кучиња и тајната кутија“ во Народен театар – Битола

По неодамнешната премиера на претставата „Вујко Вања“, Народен театар – Битола ја затвора 2023 година со детската претстава „Волшебните кучиња и тајната кутија“. Претставата е работена по текст на Билјана Крајчевска а по мотиви на Ханс Кристијан Андерсен.

Дете, ова е една приказна како и сите приказни. Има сонување, има волшепства, има вештерка и принцеза и кучиња, и глувче и електричар и што уште не – во тајната кутија. Но, со еден збор, ова е само едно необично патување во светот на другарството. Ќе се запрашате зошто? Затоа што секогаш кога неволјите ти изгледаат дека нема да престанат или кога имаш некоја важна мистериозно – тешка задача за која ти требаат моќи на супер херој- другарството е она што ќе ти помогне и ќе те одведе „право дома“. Дури и онаму, изгубени во некој „чуден свет и измислен свет“, кога ќе сретнеш нови пријатели, со нов изглед и нови лица на крајот сфаќаш дека тоа се оние истите твои другари од реалноста, но тука ги обликуваш со помош на имагинацијата и најважно со силата на љубовта -скриената тајна во волшебната кутија.

Режијата е на Јован Ристовски а играат: Кристијан Танчевски, Наталија Ристеска, Илина Чоревска, Соња Ошавкова, Елена Моше, Александар Стефановски, Живко Борисовски, Никола Стефанов.