Влезниците за Ник Кејв во Скопје се прилагодени на нашиот пазар

Како што може да приметите, изминативе два дена владее голема возбуда во нашата држава за реално еден од најголемите музички настани во историја на Македонија – концертот на Ник Кејв на 22 август на Стадион на АРМ во рамки на Skopje Calling 2025!

„Би сакале да напоменеме дека цените на влезниците за овој концерт се прилагодени на нашиот пазар, со очигледна разлика со оние за било кој друг град во Европа кој е дел од турнејата NICK CAVE SOLO.“ – велат од Авалон продукција.

Продажбата на влезници за овој концерт започнува денес (среда – 2 април) во 10 часот наутро онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија по следните цени и категории: ПАРТЕР – 2.990 денари и ФАН ПИТ – 3.990 денари. За споредба влезниците во Пловдив, Бугарија каде Кејв настапува претходните два дена, чинат од 160 до 260 лева односно 5.000 до 8.000 денари.

70% од концертите кои се дел од оваа турнеја се распродадоа за помалку од 2 дена. За овој концерт нема да има влезници со високи маси, како и угостителски пакети.