Почина основачот на „Нови фосили“

Маринко Kолнаго, еден од основачите и долгогодишен член на групата „Нови фосили“, почина на 83-годишна возраст по кратко и тешко боледување.

„Драги пријатели, со голема тага соопштуваме дека нашиот добар дух на „Фосили“, нашиот драг Маринко, не напушти. Неизмерно ќе ни недостига.“- објавено е на официјалната Фејсбук страница на групата.

Маринко Колнаго беше басист и еден од основачите на бендот, тој е единствениот член кој свирел во овој култен поп бенд од самиот почеток во далечната 1969 година.

Роден во 1942 година во Загреб, Маринко израснал во креативно семејство. Мајката Зора, Русинка од Санкт Петербург, била балерина и кореограф, додека таткото Феранте Колнаго, Италијанец од Сплит, бил успешен фудбалер на Хајдук и југословенски репрезентативец. Својот прв бенд го формира на 15-годишна возраст, а во 1969 година, тој и тапанарот Слободан Момчиловиќ – Мока, двајцата членови на групата „Кенеди Бојс“ во тоа време, решија да формираат сопствен бенд со авторски песни.

„Ние двајца имавме 27, 28 години, нашиот саксофонист 38 и се пошегувавме дека сме премногу стари за да основаме бенд. Арсен Дедиќ не слушаше од другата страна на шанкот и рече: – „Па, тогаш викајте се „Нови фосили“. Значи, Арсен всушност ни го даде името“, се сеќаваше Колнаго.

Во почетокот, „Нови Фосили“ имаа целосно машка постава, но пресврт се случи во 1976 година со доаѓањето на пејачката Ѓурѓица Миличевиќ (подоцна Барловиќ), а потоа клавијатуристот и композитор Рајко Дујмиќ и гитаристот Владимир Кочиш Зец. По прераната смрт на Ѓурѓица Барловиќ, на бендот се приклучија Сања Долежал и Ненад Шариќ. По распадот на бендот во 1991 година, Колнаго се повлече од музичката индустрија и се занимаваше со различни работи, вклучувајќи продавање садови, правосмукалки и сладолед. Тој се врати на музиката во 2005 година, кога составот „Нови фосили“ повторно се обедини со Сања Долежал и Владимир Кочиш Зец.