„Мајка Мара“ – втор филм во режија на Мирјана Карановиќ

На 27 март во Cineplexx Ušće во Белград, во 19 часот, ќе се одржи домашната премиера на филмот „Мајка Мара“, во режија на реномираната српска актерка Мирјана Карановиќ која е и сценарист а ја игра и главната улога.

„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.

Ова е второ режисерско дело на Мирјана Карановиќ, по „Добрата жена“ (2016). Таа е, заедно со Маја Пелевиќ и Огњен Свиличиќ е автор на сценариото а по мотивите на театарската претстава „Ми смо они на који су родитељи упозоравали“ на Тања Шљивар.

Мирјана Карановиќ на денешната прес-конференција откри дека има трема пред српската премиера, бидејќи за неа била многу интимна содржината на филмот и преку филмот кој иако не е автобиографски, имала многу да каже за себе како жена, исто како и во нејзиното режисерско деби.

„Во моите филмови развивам лик на средовечна жена која живее во некаква илузија дека животот и е среден, дека има одредена сигурност и дека треба само да ужива во она што го градела со децении. Ме интересира ситуација во која таква жена, која нема поим дека сето тоа може да се доведе во прашање, треба да донесе важна одлука: дали ќе се откаже и ќе се потчини на она што се очекува од неа или ќе направи нешто што можеби никогаш нема да го направи, кога животот ќе ја принуди да го направи тоа. Оние ситуации во кои одлучувате за живот или смрт се исклучително драматично предизвикувачки за мене. Не мислам на физичка смрт, туку на духовна состојба во која престануваш да живееш и стануваш растение кое вегетира“ – нагласи Карановиќ.

Вучиќ Перовиќ рече дека филмот длабоко руши одредени стереотипи поврзани со Балканот и дека е среќен што ја обработиле оваа тема.

„Со Мира е лесно за работа, бидејќи не можеш а да не следиш што ти дава во кадар Навистина верувам во ваква врска меѓу луѓето, кога ќе се сретнете во текот на животот во одредена ситуација или точка. Оттаму секој може да си оди по својот пат, без разлика дали е заедно или не, но никој не е истиот човек после тоа искуство.“

Светската премиера на филмот се одржа во август на 30. Сараевски фестивал, по што следеа проекции на фестивали во Сао Паоло, Цирих, Валенсија, Луксембург итн.

Меѓу другите улоги се и актерите: Борис Исаковиќ, Јасна Жалица, Ален Ливериќ и Јелена Ќурувија. Филмот е во копродукција на Србија, Швајцарија, Луксембург, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Продуцент е This and That Productions од Србија. Дистрибутер е Five Stars.