Скопје и Македонија синоќа имаа ретка можност во живо да го чујат еден од тројцата најпознати светски тенори – Пласидо Доминго. По дваесет години пауза од концертот на Хозе Карерас, оперска ѕвезда од највисок калибар настапи во Македонија.
Под диригентска палка на маестро Марчело Рота од Италија, Доминго настапи со оркестарот и хорот на Националната опера и балет. Заедно со Доминго настапи и една од водечките сопрани Марија Жозе Сири.


Концертот започна со увертирата од операта „Норма“ во изведба на хорот на НОБ, а потоа се појави Доминго и продолжи со фрагменти од оперите „Трубадур“, „Магбет“, „Атила“, „Набуко“ на Џузепе Верди во првиот дел посветен на италијанската музичка литература, а вториот дел по кратка пауза беше проткаен со шпанското музичко творештво и неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Концертот кој траеше два часа, во првите редови го следеше македонската политичка, бизнис и културна елита. А во арената Борис Трајковски имаше публика од регионот но и Европа. Крајот очекувано беше со овации, неколку минутен аплауз и враќања на бис. Концертот беше во организација на Прагма продукција која во организациски смисол обезбеди врвно искуство за публиката, достојно на ѕвезда од овој формат.
