Само македонски изведувачи ќе пеат во чест на Тоше на концертот „Засекогаш во срцата“

Денеска во малата сала на Центарот за култура Битола се одржа прес-конференција на која учествуваа ВД Директорот Влатко Илиевски и диригентот Владимир Димовски. Тие ги претставија деталите за претстојниот концерт „Засекогаш во срцата“, кој ќе се одржи на 22 март 2025 (сабота) во 19:00 часот во Големата сала.

„Засекогаш во срцата“ е концерт посветен на нашата најголема поп-икона, чиј живот за жал прерано заврши. Во претходните години концертот го посветувавме и на други ѕвезди како Пепи Бафтировски, Драган Каранфиловски Бојс, Аки Ракимовски, но оваа година тој е посветен исклучиво на Тоше.“

Оваа година ќе настапуваат: Ѓоко Танески, Наде Талевскa, Димитар Андоновски, Ана Петановска Горан Наумовски, Бојан Стојков, Мина Блажев, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Ангела Илиевска и хоровите „Битвокс“ и „Тин Попрокет.

За првпат оваа година, ќе биде изведена песната „За овој свет“ со деца од Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ и Центарот „Порака“, кои ќе ја изведат со знаковен јазик.

ВД Директорот Влатко Илиевски ја претстави и годишната програма за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам на РСМ. Програмата ги вклучува: 26-ти Интернационален фестивал на монодрама Битола и
гостување на НУ Македонски народен театар – Скопје со претставата „Иванов“ од драмската дејност.

Концертот „Патување низ ехото на претците“, Концерт на Филхармонија на РСМ со Анна Кондратенко и 17-от Фестивал на музика од светот од музичката дејност.

Од фолклорна дејност се 55-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ и 17-от по ред Семинар за традиционална музика и игра.

Визуелна уметност е застапена со 11-та Детска ликовна работилница, изложба „Магма“ – групна изложба и Фото конкурс „Фото споменар – Илиндeнски денови 1973-1983“.

Од делот на инвестиции е предвидена
замена на кино-платно во Големата сала.