Влатко Стефановски гостува на новиот сингл на Невена Божовиќ

Српската поп-пејачка Невена Божовиќ го претстави својот нов сингл „Како живим“, емотивна балада во стилот на старата поп-класика.

Песната е создадена во соработка со легендарниот гитарист Влатко Стефановски, чиј препознатлив звук дополнително ја истакнува нејзината длабока емотивна нота. „Како живим“ ја носи елеганцијата и искреноста што ги карактеризира големите поп хитови од минатото. Многумина би рекле дека овој стил е најблизок до сензибилитетот и вокалната интерпретација на Невена, бидејќи ѝ овозможува целосно да ги изрази емоциите преку топлината на нејзиниот глас и автентичноста на нејзината изведба.

Гитарата на Влатко Стефановски внесува посебен музички потпис на песната, комбинирајќи ја носталгијата со модерен продукциски сензибилитет, додека текстот зрачи со интроспективен тон, зборувајќи за љубовта, минливоста и трагите што ги оставаме зад нас. Видеото за песната визуелно ја следи нејзината нежна, но моќна атмосфера, внесувајќи едноставност и елеганција, истовремено истакнувајќи ја магијата на заедничката работа на двајцата уметници.

„Горда сум на соработката со Влатко Стефановски и на оваа песна која зрачи со посебна носталгија. Верувам дека секој на свој начин ќе се најде во тоа.“ – вели Невена.

Фото: Јана Митровиќ/Илија Пејоски