Брајан Адамс со акустичен best of концерт во Скопје

Еден од најголемите светски хитмејкери на сите времиња, Брајан Адамс, доаѓа во Македонија со ексклузивен концерт за само 2.500 посетители, на 27 април во СЦ Јане Сандански! Тешко се наоѓаат клише реченици да се најави и објасни следниов “once in a lifetime” проект кој ни следува. Адамс e реално во А листата на светски изведувачи. Има повеќе од 20 хит сингла и неколку големи милионски албуми. Последните албуми му се одлични. Настапува низ цел свет во најголемите концертни сали. Се наоѓа во листата на топ 10 најпуштани артисти на сите времиња, на глобално ниво.

Брајан Адамс има еден live албум, ‘’Bare Bones’’ со акустична ‘’best of’’ програма, која ја свири само десетина пати во годината, за негова душа, а на огромно задоволство на неговите најголеми фанови. Ги слушаме “Heaven”, Summer of ’69”, “Please Forgive Me”, “All for Love”, “Have You Ever Really Loved a Woman” и многу други. Само Брајан Адамс на гитара, проследуван од неговиот долгогодишен пријател и пијанист, Гери Брејт за 90 минутни чисто емоционално и катарзично музичко искуство. Глас, гитара, пијано и чиста емоција. Е, токму тоа ќе може да го доживеат само 2.500 среќни луѓе на 27 април во Скопје, на без конкуренција најексклузивниот и најголем музички настан оваа пролет во Македонија!

Поради типот на програмата, салата ќе биде редуцирана и сите влезници ќе бидат за седење. Влезниците ќе бидат во продажба од четврток (27 февруари) во 10 часот наутро на avalonbooking.mk.

Сите информации околу цените на влезници и категории ќе бидат објавени денес во 19 часот на нашите платформи.