Македонскиот народен театар, најстарата национална професионална театарска
институција и темелот на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, a од
почетокот на 2025 година и достојно го одбележува јубилејот – 80 години.
Во чест од кревањето на црвената завеса и од првата изговорена реплика поминаа 80 години,
на 3 април 2025 година, ќе се одржи голем спектакл со МУЛТИМЕДИЈАЛНАТА
ПРЕТСТАВА „СОНЦЕТО, КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО“ MADE IN МNT по повод чествувањето
„80 години Македонски народен театар“, во режија на Дејан Пројковски. Со овој спектакл
ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на
Македонскиот народен театар (љубов,умeтничка храброст,посветеност, визија,тимска
работа, чување на традицијата и создавање на нови вредности за иднината).
Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија,
поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери,
драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се позади кулисите и помагаат во создавањето на
сценскиот универзум во МНТ.
Прославата „80 години Македонски народен театар“ продолжува со премиерната изведба
на претставата „Варвари“ дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир
Милчин, еден од најеминентните режисери во нашата земја и надвор од границите.
Свечено ќе се одигра на 23 април, со моќна, масовна и бравурозна екипа од 23 актери. Покрај тековната репертоарска програма и повторно враќање на сцената на неколку
претстави (кои не се играа подолг временски период, а тоа се претствавите „Бесачи“,
„Ничија земја“ и „Сите сме птици“), репертоарот на МНТ ќе се збогати со новите претстави
поддржани од Министерството за култура и туризам на Р Северна Македонија. Станува
збор за претставата „Варвари“ дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска
Трпеноска и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан
Јаниќијевиќ. „Земјата на заборавените сказни“ е уникатна театарска авантура која го слави
духот на природата и моќта на имагинацијата. Во свет на технолошка зависност, три деца
ненадејно влегуваат во волшебен универзумот на словенската митологија, патување што
ќе ве насмее, изненади и трогне. Автори на овој проект се Симон Трпчевски кој после 30
години повторно соработуваат на сцената на МНТ и реномираната писателка Билјана
Црвенковска. Претставите ќе бидат поставени на големата сцена, а режисерите кои ќе
работат на овие значајни проекти како Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ и Срѓан
Јаниќијевиќ се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и Монографијата
„80 години Македонски народен театар“.
Акцентот во 2025 година посебно е ставен на меѓународната соработка, односно
гостувања на МНТ надвор од границите, како и гостувања на други театри на сцената во
МНТ. Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и Босна и Херцеговина. На 8 април во
Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, ќе се одигра „Народен пратеник“, а
ден потоа на 9 април и претставата „12“. По настапот во Црна Гора, на 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина.
На 15 април со претставата „12“ МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во
Велес. На 17 јули Македонскиот народен театар со претставата „12“ ќе биде дел од програмата
на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор
Прличев“. Македонскиот народен театар ќе учествува и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во вториот блок, во текот на септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија. Гостувањето во театарот „Иван Вазов“, Р Бугарија ќе се случи на есен, 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.
На 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. Кон средината во месец мај ќе гостува Народно позориште Сараево од Босна и Херцеговина со претставата „Сараевскиот трговец“, од Игор Штикс, а во режија на Михал Дочекал, а на 22 мај и претставата „Селска опера“ од Д. Бенедек-П. Бела, а во режија на Андраш Урбан. Предвидено е и гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ), Љубљана, Р Словенија со претставата „Докторот“, по текст на Роберт Ајк, во режија на Мартин Кушеј. Претставата треба да се одигра на големата сцена на МНТ, во 2025 година. Точниот датум ќе биде договорен меѓу двата театри.