Македонија на светската културна мапа со концертот на Пласидо Доминго

Прагма продукција и Националната опера и балет денеска на прес конференција објавија повеќе детали за престојниот концерт на светската оперска ѕвезда Пласидо Доминго.

Концертот на Доминго е закажан за 14-ти март а славниот тенор ќе допатува на 11-ти март. Тој ќе има две проби со Орекстарот и со Хорот на Операта. Генералната проба ќе биде во арената „Борис Трајковски“. Концертот ќе биде во два дела. Во првиот дел ќе бидат изведени популарни оперски арии од италијанската литература, од Пучини, Верди, Белини итн. а во вториот, дела арии од шпанската литература и дела од Штраус  и Лехар.

„На 14 март за првпат ќе настапам во вашата прекрасна земја. Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции, радост, смеа и се надевам, моменти кои ќе ги паметиме. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со македонската публика и да ја споделиме оваа специјална вечер заедно. Едвај чекам да ве видам таму“. – рече во видео пораката Доминого.

Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер а со Доминго ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот.

„На 14 март Скопје ќе биде домаќин на еден од најзначајните музички настани во својата историја. Овој концерт е наша шанса за позиционирање на Република Македонија на светската сцена“, посочи Оливер Арсовски, директор на Македонската опера и балет.

Кристијан Стефановски од Прагма продукција сподели детали за преговорите и условите на популарната оперска ѕвезда за доаѓањето во земјава.

„Минатата година во разговори со Националната опера и балет конечно постигнавме договор годинава маестрото да гостува кај нас. Ова е специјално гостување и не е дел од некаква турнеја, а се случува 20 години од гостувањето на тенорот Хозе Карерас да имаме една ваква ѕвезда во нашата држава. Некои нови балкански ѕвезди имаат поголеми барања од суперстарот како Доминго.

Салата собира над 6.000 луѓе а концертот активно се продава и во Србија и Бугарија.

„Веќе се продадени околу 500 билети во Бугарија и се радуваме дека ове е шанса и за развој на концертен туризам. Што се однесува до озвучувањето, бидејќи се работи за спортска сала, сакам да ја уверам публиката дека работиме со најквалитетните компании и воопшто нема да пречи што е арена”, додава Стефановски.