Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски во повеќе земји. Филмот минатиот месец имаше светска премиера на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде освои две награди: наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.
Според „Вараети“, „Филмс бутик“ го продаде филмот за диструбуција во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија, а во тек се преговори за дополнителни земји.
„Исклучително сме благодарни што Санденс толку одлично го лансираше филмот. Ретко кој филм може одеднаш да добие пофалби од критичарите, да ја привлече публиката, признанијата од жирито и ни е драго што продолжуваме да гледаме таков ентузијазам од дистрибутерите на Европскиот филмски маркет во Берлин“, изјави Џулиен Разафиндранали, шеф на продажба во „Филмс бутик“.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг. Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија.