На 15 март од 12 часот, во Филхармонијата ќе се одржи детски концерт на кој премиерно ќе се свири симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов. Диригент е Бисера Чадловска, а наратор актерот Мартин Јорданоски.
Делото на композиторот Филип Иванов „Итар Пејо“, како што кажува и самиот наслов, е инспирирано од популарниот лик од македонската традиција. Тој е познат како итрец, кој успева да се справи со неправдите и предизвиците со своите интелигенција и снаодливост.
Делото на Иванов е поделено на седум дела со поднаслови: „Триумфот на Итар Пејо пред селскиот кмет“, „Танцот на измамата: Маската на Пејо“, „Меланхолија на исчезнатата паричка“, „Шегите на Итар Пејо“, „Итар Пејо во судир со неправдата“, „Инспиративниот говор на Итар Пејо“ и „Свадбата на Пејо“.
Ова е прва симфониска суита од македонски автор која обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Композицијата е дел од наградените композиции коишто пристигнаа на Конкурсот, а којшто НУ Филхармонија на РСМ го распиша минатата година за откуп на дела од македонски автори наменети за симфониски оркестар.