Танчер по потекло од Прилеп во новиот спот на Лејди Гага

29-годишниот Мајкл Дамески, австралиски танчер македонско потекло, е дел од танчерите во најновиот спот на Лејди Гага за песната Abracadabra. Дамески освен со танц се занимава со музика и глума, роден е во Сиднеј, Австралија, живее во Лос Анџелес а по потекло е од Прилеп.

Дамески е учесник но и победник на неколку телевизиски формати како „So you think you can dance Australia“, „Young Talent Time“, американското шоу „World of Dance“ а гостувал и во емисијата на Елен Деџенерс. Кога Дамески имал шест години, се пријавил на својот прв танцов натпревар „The 2001 Australian Dance Idol“. Без никаков формален танцов тренинг, Дамески се пласираше во првите десет на натпреварот. Потоа, тој тренирал во Glenda Yee School of Dance сместена во Касула, Нов Јужен Велс. Sтудирал во студиото Брент Стрит во Мур Парк, Нов Јужен Велс каде што доби можност да ја претставува Австралија на Светското првенство за изведувачки уметности во Лос Анџелес. Негова најзапазена сценска изведба е во мјузиклот „Били Елиот” од Елтон Џон и Ли Хол во Австралија со која играл и на Бродвеј. Дамески во 2007 година настапил и на најпознатиот македонски детски фестивал „Златно славејче“ со „One Dance“.

Гага ја започна својата ера на „Mayhem“ со музичкото видео за нејзиниот нов сингл „Abracadabra“, кое премиерно се емитуваше за време на рекламите на Греми наградите 2025, во неделата (02-ри февруари).

„Албумот започна кога се соочував со стравот да се вратам на поп-музиката која моите први обожаватели ја сакаа“, рече Гага во соопштението.

Гага го спореди сложениот креативен процес со „повторно составување на скршено огледало: дури и ако не можете совршено да ги споите парчињата, можете да создадете нешто убаво и целосно на свој нов начин“.

„Mayhem“ ќе излезе на 7 март, а пред тоа ќе биде објавена и листата на песни на албумот.