Првиот долгометражен игран филм на македонскиот режисер Георги М. Унковски ја имаше светската премиера синоќа на реномираниот „Санденс“ во Јута, САД. Фестивалот важи најголемиот фестивал на независен филм во САД а „Диџеј Ахмет“ е во главната меѓународна натпреварувачка категорија – World Dramatic Cinema и ќе има шест проекции.
На премиера и црвениот тепих отпатуваа режисерот Георги М. Унковски, кинематограферот Наум Доксевски и младиот актер-натуршчик Ариф Јакуп.

Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село на Јуруци во Македонија, наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг. Улогите ги толкуваат: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим и Атила Клинче. Снимањето на филмот траеше 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.
