Внукот на Нушиќ ќе ја промовира книгата со фељтони „Бен Акиба“ во Скопје

Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Нушиќ фондација“ од Белград, ќе одржи промоција на книгата „Бен Акиба: о нама“ од Бранислав Нушиќ во Скоје. Настанот е во петок 24 јануари 2025 година од 18:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје. Освен промоцијата ќе биде поставена изложба на карикатури со ликот на Бранислав Нушиќ во авторство на карикатуристот Зоран Товирац – Тоцо.

Настанот ќе го отвори директорот на „Галерија Метаноја“ м-р Нада Милкова. На публиката ќе се обратат директорот на „Нушиќ фондација“ Небојша Нушиќ, внукот на Бранислав, скулпторот Синиша Новески, претставник на „Фондација Нушиќ“ за Македонија и д-р Коста Милков, рецензент на книгата.

„Бен Акиба“ е колекција од 48 кратки фељтони. Пишувајќи на јазик кој е меѓу новинарско и литературно, со интимен тон кој му се обраќа на читателот, авторот се осврнува на различни теми: положбата на писателот, семејните и општествените појави. Комичниот поглед на различни ситуации во политичкото, судското, па дури и градското функционирање, брачните неволји и борбите на писателот кој се обидува да истрае во справувањето со вистината, ги прави овие фељтони многу живо, автентично, комично и донекаде страшно сведоштво. за тоа колку се промени нашето општество, од една страна, а сепак, во својата суштина, остана исто.